Дваесет и седум најголеми навивачки групи во Европа бараат и тие да бидат вклучени во дискусиите за иднината на фудбалот.

– Кризата со коронавирусот покажа дека сегашниот модел на фудбал е неправеден и неодржлив. Фудбалот треба драматично да се промени, и тоа на подобро. Секој процес на реформа мора да вклучува и претставници на навивачите, на локално, национално и на европско ниво – се вели во соопштението на Фудбалските навивачи на Европа (ФНЕ), пишува „Индепендент“.

Навивачите бараат безбедно враќање на гледачите на стадионите низ цела Европа по пандемијата на коронавирусот во „консултација со претставниците на навивачите на сите нивоа и со почитување на протоколите за здравствена безбедност“.
ФНЕ „значително е загрижен“ и за плановите на ТВ-операторите да имитираат атмосфера од стадионите со тоа што на гледачите ќе им понудат стари аудиоснимки од натпреварите.

– Претераната употреба на технологијата, скандирања и други форми на вештачко создавање атмосфера е навреда за навивачите, кои редовно доаѓаат на натпреварите – се додава во соопштението.