Синоќешниот прв натпревар од двомечот на осминафиналето во Лигата на шампионите во кој се сретнаа Ливерпул и Баерн Минхен, иако немаше голови, на „Енфилд“, како и секогаш се чувствуваше одлична атмосфера. Домашните навивачи, традиционално, ја надгласија химната на Лигата на шампионите со препознатливата „You’ll never walk alone“, а потоа и го оставија настрана ривалството со гостите од Минхен, поздравувајќи го нивниот транспарент против високите цени на картите.

Навивачите на Баерн кои пристигнаа во Ливерпул, во второто полувреме истакнаа траспарент кој гласеше: „Гостинска карта: Ливерпул 48 фунти, Баерн 55 евра, алчноста за пари не познава граници и дваесет е доволно“. Гестот на гостинските навивачи беше топло поздравен од домашната публика.

Паролата „дваесет е доволно“ се однесува на кампањата иницирана од страна на Федерацијата на англиските фудбалски навивачи, чија цел е поттикнување на клубовите да ги ограничат цените на картите за гостинските навивачи на 20 фунти.

Претходно месецов, англиската Премиер-лига објави дека клубовите во следните три сезони ќе продолжат да ја ограничуваат цената на картите за гостинските навивачи на 30 фунти.