Хуан Карлос Наваро официјално стави крај на неговата импресивна кариера. По објавувањето на веста пред неколку недели, сега „Ла Бомба“ се збогува со матичниот клуб на специјална церемонија, на која присуствуваа бројни негови поранешни тренери и соиграчи и на која од каталонскиот клуб ги извадија од музејот буквално сите трофеи, освоени од Шпанецот со „црвено-синиот“ дрес.

Самиот играч не ги додржи солзите додека објаснуваше дека сакал да продолжи да игра, но од клубот го убедиле дека сега е вистинското време да се повлече.

– Зачудувачки е што ве бараат да оставите нешто што сте го правеле толку долго. Работите можеа да се развијат поинаку, но во еден момент мора да прифатите што се случува. Тоа требаше да се случи порано или подоцна. Сега е време да помогнам на поинаков начин и јас сум мотивиран, рече возбудениот Наваро.

Неговиот дрес со број 11 ќе биде повлечен за време на првото издание на „Ел Класико“ за сезоната.

Наваро беше испратен со аплауз од голем број докажани имиња со кои играл во текот на годините, меѓу кои браќата Пау и Марк Гасол, Виктор Сада, Рики Рубио, Рожер Гримау и Жорди Триас.

Триесет и осум годишниот, веќе поранешен играч најде сили и да се пошегува, велејќи дека му е доста да го чека Пау Гасол да се врати во Барселона и едноставно е дојдено времето да се пензионира.