На деби-мечевите како тренер на осум тима, од 2000-та наваму, Мурињо забележал пет победи и три ремија (овој пат над Вест Хем, 3-2). Ливерпул и натаму победува со голови во финишот, против Кристал палас, 2-1

Во англиската Премиер-лига, 13-та првенствена рунда ја обележија успешното деби на Жозе Мурињо на клупата на Тотенхем и победите на главните фаворити за титулата, на лидерот Ливерпул и на актуелниот првак Манчестер сити.

Жозе Мурињо, кој го замени Маурисио Почетино, со победа на Тотенхем на гости над Вест Хем, со 3-2, ја започна односно ја продолжи кариерата во Премиер-лигата, која беше прекината лани во декември, со отказот што го доби од Манчестер јунајтед. Мурињо, кој во два наврата го предводеше и Челси, освојувајќи притоа три шампионски титули, нема претрпено пораз на прв меч како тренер, од септември 2000-та и дебито на клупата на Бенфика. Оттогаш па на клупата на осумте тима што ги предводел тој забележал пет победи и три ремија.

Од лондонското дерби, за одбележување е и 175-от гол за Тотенхем на Хари Кејн, со што го надмина Питер Чиверс (174) и стана третиот најдобар стрелец во клупската историја, по Џими Гривс (266) и Боби Смит (206). Кејн има дадено 29 гола на 49 премиерлигашки лондонски дерби-натпревари. Поуспешни од него во оваа категорија се Тиери Анри (43), Теди Шерингам и Франк Лампард (по 32).
Роберто Фирмино во 85-та минута го постигна вториот, победоносен гол за Ливерпул на гости, над Кристал палас, 2-1. Постигнувањето голови по прекини и пенали, и во последните минути, по 85-та (38 од почетокот на ланската сезона наваму) станаа заштитен знак на Ливерпул. За „црвените“, кои се во серија од 30 премиерлигашки меча без пораз (25 победи и пет ремија), ова беше 12-та победа сезонава (и само едно реми) и освоени 37 бода, осум повеќе од Лестер, односно девет повеќе од Манчестер сити.

Првакот Сити го доби дербито против Челси (2-1), со што ја прекина серијата од седум победи во низа на гости за тимот што го предводи Франк Лампард.
Избраниците на Пеп Гвардиола имаа посед на топката од 46,74 отсто, што е најлош процент на 381 натпревар за кој било тим што тој го предводел, Барселона, Баерн или Сити!
Лестер, најпријатното изненадување сезонава, ја забележа петтата победа по ред (гол-разлика 17-1!), овој пат на гости над Брајтон, со 2-0. „Лисиците“ останаа на втората позиција на табелата со 29 бода, осум помалку од Ливерпул. Џејми Варди, кој го постигна вториот гол од пенал во 87-та минута, е најефикасниот во Премиер-лигата сезонава со 12 гола, плус три асистенции.