Ќе цитирам еден мој пријател, кој ми рече, „ако утре заврне дожд во Лондон, тоа ќе биде твоја вина“. Морам да бидам подготвен за сево ова. Тоа е мојот живот. Тоа е животот што го сакам и за кој се трудев уште од дете, изјави Мурињо на прашањето во врска со шпекулациите дека би можел да добие отказ

Манчестер јунајтед ја прекина серијата од четири меча без победа и со судни маки, по негативата од два гола, успеа да направи пресврт и да го совлада Њукасл на стадионот „Олд Трафорд“ со 3-2 со голот на Алексис Санчез во 90-та минута. Притисокот врз менаџерот Жозе Мурињо, за кого британските медиуми шпекулираа дека е пред отказ, малку ќе се намали.
Мурињо и Јунајтед ќе имаат двонеделна пауза поради репрезентативните мечеви во Лигата на нациите (ЛН), но потоа ги очекуваат нови големи искушенија, кои би можеле да им ја одредат судбината на Мурињо, но и на клубот сезонава. Манчестер ј. по паузата има четири тешки меча, му гостува на Челси, дома го пречекува Јувентус, па гостува во Торино во Лигата на шампионите (ЛШ), по што ќе следува и големото градско дерби на стадионот „Етихад“ со Манчестер сити. Во случај на лоши резултати, Мурињо и Манчестер ј. повторно ќе бидат во непосакувана ситуација. Доколку се случи спротивното Мурињо ќе го зацементира „специјалниот“ статус и на некој начин ќе ја добие битката со дел од фудбалерите со кои не е во најдобар однос, со вицепретседателот Ед Вудворд, па и со новинарите. Пред мечот со Њукасл во петокот тој пресот им го закажал во 8 часот наутро и на него на прашањата одговарал кратко, со три до четири збора. Од клубот стигнуваат најави дека го поддржуваат Мурињо.

По мечот Мурињо изјави дека во фудбалот има „премногу зло“, но инсистира оти може да се справи со „ловот“ против него.

– Ова е првпат да гледам „лов на човек“. Јас можам да живеам со тоа, но некои од момчињата, и покрај тоа што не се цел на нападите тешко се справуваат. Маркус Рашфорд изгледаше загубено, Скот Мектомини како да беше исплашен на теренот. Дури и поискусните играчи правеа грешки што не се нормални за нив – изјави Мурињо за БТ спорт.

Мурињо имаше одговор и на прашањето во врска со шпекулациите што сугерираа дека би можел да добие отказ по мечот со Њукасл.

– Ќе цитирам еден мој пријател, кој ми рече, „ако утре заврне дожд во Лондон, тоа ќе биде твоја вина“. Ако има некои тешкотии со договорите на брегзит, и тоа е моја вина. Морам да бидам подготвен за сево ова. Тоа е мојот живот. Тоа е животот што го сакам и за кој се трудев уште од дете – рече Мурињо за кого триумфот над Њукасл беше 400-ти во кариерата.