Мурињо гестикулира кон навивачите на Јувентус во Торино

Менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо, упати „поздрав“ до навивачите на Јувентус по победата на неговиот тим од 2-1 во Торино, во вечерашниот меч од четвртото коло на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), потсетувајќи на негова слична реакција од пред осум години. Јувентус дојде во водство преку Кристијано Роналдо во 65-та минута, но Јунајтед направи пресврт преку Хуан Мата во 86-та минута, односно со автоголот на Леонардо Бонучи четири минути подоцна.

Трофејниот тренер по завршувањето на мечот гестикулираше дека не ги слуша италијанските навивачи. Тој комуницираше со нив и на првата средба во Манчестер, одговарајќи на нивните навреди со покажување на три прста, кои ја означуваат тројната круна освоена со Интер во 2010 година.

Трите прста ја симболизираат тројната круна со Интер во 2010 година

Вечерашниот „поздрав“, пак, не им се допадна на фудбалерите на „Старата дама“, кои влегоа во конфликт со темпераментниот стратег (предничеше Бонучи) при неговото напуштање на теренот во Торино.

Мурињо се најде во слична ситуација како и по дуелот помеѓу Барселона и Интер во полуфиналето на ЛШ во 2010 година, кога тој го предводеше тимот од Милано. „Специјалниот“ покажуваше кон трибините на „Ноу Камп“ дека тој е број еден по обезбедениот понатамошен пласман со италијанската екипа. Ваквата реакција не му се допадна на голманот на Каталонците Виктор Валдез кој се обиде да ја спречи прославата на Португалецот. Тогаш Интер, за кој настапуваше македонскиот репрезентативец Горан Пандев, загуби 0-1 во реваншот во Барселона, но отиде понатаму поради триумфот од 3-1 во првиот полуфинален меч во Милано.