Јусуфа Мукоко со 16 години стана најмладиот фудбалер што заиграл во најсилната германска фудбалска лига. Тој им се приклучи на тинејџерските сензации од блиското минато и сегашноста на Борусија Дортмунд, како Холанд, Санчо, Белингем и Реина. Тие се и потврда за тврдењата дека Борусија моментно е најдоброто место во светот за развој на млади фудбалски таленти

ФУДБАЛ

Борусија Дортмунд забележа убедлива победа на гости во Берлин, кај Херта (5-2), најмногу благодарение на 20-годишниот Ерлинг Холанд, кој постигна четири гола во второто полувреме, први за него на гости сезонава. Тој е и првиот фудбалер на Борусија што постигнува четири гола на првенствен натпревар, по Пјер Емерик Обаменајнг на мечот против Хамбургер во ноември 2016 година.
Холанд стигна до бројката од 22 бундеслигашки гола на 22 настапи за Борусија, со што го собори рекордот на Уве Зелер, кој на првите 22 првенствени натпревари во дресот на Хамбургер постигна 20 гола.
Но во историјата на Бундес-лигата од овој меч ќе остане запишано дека младиот Јусуфа Мукоко еден ден по 16-от роденден стана најмладиот фудбалер што заиграл во најсилната германска лига. Тој на пет минути пред крајот на мечот влезе во игра на местото на Холанд и на тој начин го надмина Нури Сахин, исто така поранешен фудбалер на Борусија, кој беше најмладиот дебитант, со 16 години, 11 месеци и еден ден, на мечот против Волфсбург во август 2006 година.
– Откако пред 11 години на телевизија го гледав полуфиналето во Лигата на шампионите Барселона – Челси, првпат посакав да станам професионален фудбалер – изјави Мукоко за „Кикер“.

Мукоко беше префрлен во првиот тим во август годинава, по феноменалните игри во клупската академија. На 88 натпревари во младинска категорија тој постигна 141 гол, од кои 13 на само четири настапи во категоријата до 19 години.
– Мислам дека тој е најголемиот талент во светот во моментов. Има само 16 години, тоа е неверојатно. Пред него е голема кариера и имаме среќа што го имаме во нашите редови. Посакувам да играм што поскоро покрај него – изјави Холанд по мечот во Берлин, опишувајќи го тинејџерот како „многу подобар од мене на негова возраст“.
Мукоко им се приклучи на тинејџерските сензации од блиското минато и сегашноста на Борусија Дортмунд. Покрај Холанд (20), станува збор за Англичаните Џејдон Санчо (20) и Џуд Белингем (17), како и за Американецот Џовани Џио Реина (18), на кои им се предвидува блескава иднина. Тие се и потврда за тврдењата дека Борусија Дортмунд моментно е најдоброто место во светот за развој на млади фудбалски таленти.