Полуфиналистот на годинашното Европско првенство славеше на гости кај Фарските Острови, со 1-0, и сега има 15 бода и гол-разлика 17-0 во групата Ф

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022

Фудбалската репрезентација на Данска остана единствената со максимален ефект и без примен гол по пет кола во квалификациите за пласман на Светското првенство в година во Катар. Полуфиналистот на годинашното Европско првенство, во меч од групата Ф славеше на гости кај Фарските Острови, со 1-0, и сега има 15 бода и гол-разлика 17-0. Во таа група на второто место е Израел, со 10 бода, а потоа следуваат Шкотска со осум, Австрија со седум и Фарските Острови и Молдавија со по еден бод.
Во петтото коло репрезентацијата на Украина одигра нерешено, дома со Франција, 1-1, и досега во овие квалификации ремизира на сите пет средби, во групата Д, во која води Франција со девет бода (од пет меча), Финска (од три натпревари) и Украина имаат по пет, а БиХ (три средби) и Казахстан (четири натпревари) по два бода. Во групата А, репрезентацијата на Србија со победата дома над Луксембург, со 4-1, се израмни на врвот на табелата со Португалија, со по 10 бода по четири кола. Во таа група, на табелата потоа следуваат Луксембург со шест и Република Ирска и Азербејџан со по еден. Групите Г и Х се најизрамнети во европските квалификации за СП. Во групата Г води Турција, со 11 бода, по десет имаат Холандија и Норвешка, а во групата Х на врвот се Русија и Хрватска, со по 10 бода, Словенија има седум итн.
На Светското првенство в година ќе се пласираат победниците на десетте квалификациски групи, како и три селекции од баражот, во кој ќе настапат 12 репрезентации, и тоа десетте второпласирани во групите од квалификациите и уште две селекции што победиле во некоја од групите во Лигата на нациите, но кои не се пласирале на СП 2022 или не обезбедиле место во баражот низ редовните квалификации.