Вечерва, во првото полуфинале (20.45 часот), ланскиот победник Манчестер сити игра против најуспешниот со 13 трофеи, Арсенал, а утре (19 часот) се среќаваат Манчестер јунајтед и Челси. Финалето е закажано за 1 август, а сите мечеви ќе се играат на стадионот „Вембли“

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Можно ли е прво манчестерско финале во 149-годишната историја на ФА-купот на Англија, најстарото светско клупско натпреварување, е прашањето што љубителите на фудбалот во Англија и медиумите си го поставуваат пред двата полуфинални дуели викендов на празниот стадион „Вембли“.
Вечерва, во првото полуфинале (20.45 часот), ланскиот победник Манчестер сити игра против најтрофејниот во ова натпреварување, Арсенал, а утревечер (19 часот) се среќаваат Манчестер јунајтед и Челси. Финалето е закажано за 1 август, исто така на „Вембли“. Тимови од Лондон меѓу себе играле повеќепати во финалето, како Арсенал и Челси во 2002 и во 2017 година, Тотенхем и Квинс парк ренџерс во 1982-та, Вест хем и Арсенал во 1980-та, Вест хем и Фулам во 1975-та итн.

ФА-купот се игра од 1872 година и досега 43 тима го освоиле трофејот. Најуспешен е Арсенал, кој триумфирал 13 пати, еднаш повеќе од Манчестер јунајтед. Потоа следуваат Челси и Тотенхем, со по осум трофеи, Ливерпул и Астон вила, со по седум, Њукасл, Манчестер сити и Блекбурн, со по шест итн.
Пехарот за ФА-купот има два дизајна и пет примероци. Првиот пехар од 1871 година, кој го нарекувале и „мал лимен идол“, бил украден во Бирмингем во 1895 година и никогаш не бил пронајден. Направена е негова копија, која се користела до 1911 година, по што бил направен нов, редизајниран пехар, кој бил повисок (61,5 см) и потежок (6,3 кг).

Тој пехар се користел до 1992 година, кога е направена негова реплика, во случај да му се случи нешто лошо на оригиналот. Најновата реплика е од 2014 година и речиси во сѐ личи на пехарот од 1911-та, но е многу потежок од претходните.
Арсен Венгер меѓу менаџерите и Ешли Кол меѓу фудбалерите се најуспешните, со по седум освоени трофеи. Венгер сите седум ги освои со Арсенал, а Кол четири со Челси и три со Арсенал. Само еднаш се случило тимот што го освоил ФА-купот, Виган, во 2013 година, истата година да испадне од Премиер-лигата.