Мислам дека сезонава може да биде како никоја претходна. Можеби ќе добиеме сезона како онаа во 2015/2016 и нов првак, па дури и невообичаена врвна четворка, и мислам дека тоа е добра предност за Премиер-лигата сезонава, изјави поранешниот дефанзивец на Ливерпул, Џејми Карагер, за „Скај спорт“

Можно ли е да се повтори сезоната кога Лестер ја освои титулата во англиската фудбалска Премиер-лига, па да има и невообичаена четворка на врвот на табелата? Тоа е една од дилемите на стручните коментатори по серијата неочекувани резултати во почетокот на сезонава, пишува „Ројтерс“.
Ваквите размислувања се „вжештија“ по неделните високи порази на актуелниот шампион, Ливерпул, на гости од Астон Вила со 2-7 и на Манчестер јунајтед, дома од Тотенхем со 1-6. Претходно, во третата рунда, Манчестер сити прими пет гола на домашен терен од Лестер, 2-5, првпат на 438-те натпревари дома. На овие резултати може да им се придодадат и оние на дуелите Саутемптон – Тотенхем 2-5, Лестер – Вест Хем 0-3, Ливерпул – Лидс 4-3, Брајтон – Манчестер јунајтед 2-3 итн. Лани и минатата сезона шампионите Манчестер сити и Ливерпул загубија два, односно три натпревари. Годинава по четири кола веќе претрпеа по еден пораз.
Фудбалските историчари објавија дека бранителот на титулата, Ливерпул, е првиот актуелен првак во Англија, кој примил седум гола, по Арсенал од Сандерленд во 1953 година. „Црвените“ од Ливерпул примија седум гола првпат по 1963 година. Манчестер јунајтед, пак, третпат во ерата на Премиер-лигата прими шест гола на еден меч и првпат по 1986 година ги загуби двата воведни натпревара од сезоната дома (првиот од Кристал Палас со 1-3). Менаџерот Оле Гунар Солскјер најтешкиот пораз на домашен терен од 2011 година го оквалификува како „мојот најлош ден досега“.

Сезонава почна крајно непредвидливо што само ја зголемува возбудата.
– Сакам Премиер-лигата да биде како сезонава. Кога зборуваме за 95-100 бода потребни за освојување на титулата, тоа е извонредно, но на некој начин ја убива Лигата. Би сакал за освојување на Лигата да бидат доволни осумдесетина бода. Тоа ќе значи дека фаворитите ќе губат повеќе мечеви, но ќе биде многу повозбудливо, а екипите што ќе бидат четврти, петти или шести нема многу да заостануваат. Мислам дека сезонава може да биде како никоја претходна – изјави поранешниот дефанзивец на Ливерпул, Џејми Карагер, за „Скај спорт“.
Без гледачи домашната предност на тимовите не е толку важна сезонава, бидејќи домаќините победуваат на помалку средби во просек отколку во која било од последните пет сезони. Има помалку време за одмор меѓу натпреварите, кои се редат како на лента, па тимовите имаат помалку време да се регрупираат. Карагер верува дека ако екипи како Астон Вила, која во последната рунда во минатата сезона го избегна испаѓањето од Лигата, можат да го победат Ливерпул, тогаш би можело да очекуваме уште многу изненадувања.

– Немаше претсезона, нема време тренерите да работат со своите тимови на тренинзите за да ги поправат дефанзивните слабости, кои се забележливи речиси кај секој тим. Можеби ќе добиеме сезона како онаа во 2015/2016 и нов првак, па дури и невообичаена врвна четворка, и мислам дека тоа е добра предност за Премиер-лигата сезонава – вели Карагер.