Саутгејт вели дека тој ги избрал петтемина врз основа на собраните податоци од тренинзите од репрезентативниот центар, што е слична стратегија како и на мечот со Колумбија на СП 2018 и со Швајцарија во Лигата на нациите во 2019-та. Поранешниот напаѓач на Англија, Ширер, сега стручен коментатор, сметаше дека измените биле доцна направени и оти биле ставени под голем притисок

АНАЛИЗИ ПО ФИНАЛЕТО НА ЕП

Во Англија, по болниот пораз од Италија во финалето на фудбалското Европско првенство (ЕП) 2020, веќе почнаа анализите и полемиките за одлуката на селекторот Герет Саутгејт шутирањето на решавачките пенали да им го довери на најмладите и најнеискусни, Џејдон Санчо, Букајо Сака и на Маркус Рашфорд, наместо на некои од поискусните.
– Моја беше одлуката за тоа кој ќе ги изведува пеналите. Не станува збор за играчи што волонтираат или за поискусни играчи што се повлекуваат. Јас уште имам огромна доверба во нив – изјави Саутгејт.
Изведувањето пенали, Англичаните го планирале и го прецизирале повеќе од три години, а асистентот на Саутгејт, Стив Холанд, водел прецизна статистика од 2018 година за пеналџиите на секој репрезентативен собир. Се воделе и прецизни белешки и за пеналите што ги шутирале играчите за своите клубови.
– Нема потреба да го кажувам ова, но Англија има комплицирани односи кога станува збор за изведувањето пенали. Имаше многу тешко, многу трауматично минато и направивме многу истражувања за да ги документираме спецификите на ова и за да откриеме точно зошто е тоа така. Но работите се сменија со доаѓањето на Саутгејт. Неговиот тим донесе нов пристап кон играта како целина, но и тотално нов пристап кон пеналите. Тоа е многу структуриран, систематски и професионален пристап. Во овој момент, Англија веројатно е лидер во европскиот фудбал во однос на тоа дека има најструктуриран и најпрофесионален стручен оддел за справување со овој аспект од играта – изјави пред финалето, околу изведување пенали под притисок, истражувачот на фудбалската психологија, Норвежанецот Гаир Jорда.

Саутгејт откри дека тој ги избрал петтемина врз основа на собраните податоци од тренинзите од репрезентативниот центар „Сент Џорџ парк“, што е слична стратегија како и на мечот против Колумбија на Светското првенство (СП) во 2018 година и против Швајцарија во Лигата на нациите (ЛН) во 2019-та. Стратегија е јасна, но се покажа дека не може да се пресликаат условите на вистински меч со оние на тренинзите, пишува „Скај спорт“.
Поранешниот напаѓач на Англија, Алан Ширер, сега стручен коментатор, сметаше дека измените биле доцна направени и оти биле ставени под голем притисок.
– Како играч сте секако под голем притисок, но дополнителниот притисок се прави кога воопшто не сте вклучени во играта, а потоа ве ставаат во таква ситуација. Тоа е голема, голема обврска. Сочувствувам со Рашфорд, со Санчо и со Сака. Голем е товарот што тие млади момчиња треба да го носат во иднина, многу е сурово. Ментално е многу тешко да се снајдете во ситуација кога сте немале поголема улога на турнирот или на натпреварот, а потоа треба да се вклучите и да бидете подготвени за една минута – вели Ширер.