ВАР пристигна како да е вакцина или некаква нова супербрза мрежа за мобилни податоци, со надеж дека ќе нѐ одведе во иднина во која не би можело да се замисли меч без него и со надеж дека ќе го однесе фудбалот во некоја поинаква димензија поразлична од онаа кога судијата мораше да се потпира и да им верува само на очите и на инстинктите, пишува британскиот весник „Телеграф“

ФУДБАЛ

Видеоасистент-судијата (ВАР) воведен за да им помогне на фудбалските судии на теренот и да ги коригира нивните грешки, не ги исполни очекувањата, особено во Премиер-лигата. Наместо да се намалуваат, сѐ поголеми се негодувањата на фудбалерите и на клубовите.
ВАР пристигна како да е вакцина или некаква нова супербрза мрежа за мобилни податоци, со надеж дека ќе нѐ одведе во иднина во која не би можело да се замисли натпревар без него и со надеж дека ќе го однесе фудбалот во некоја поинаква димензија поразлична од онаа кога судијата мораше да се потпира и да им верува само на очите и на инстинктите, пишува британскиот весник „Телеграф“.
Тоа беше пред само една година. По рестартирањето на натпреварите, нема коло да нема негодувања. Што се случи со технологијата што некогаш ветуваше дека ќе им стави крај на судиските грешки? Големиот проблем на ВАР делумно е во протоколот, што постојано се ревидира од неговиот автор, поранешниот англиски судија Дејвид Елереј, сега технички директор во Бордот на Интернационалната фудбалска асоцијација (ИФАБ) задолжен за измени во правилата на играта.

Неговата неподготвеност да им овозможи на судиите на теренот поголеми овластувања го обележи целиот процес. Проблемот не е во првичниот страв дека видеоасистентите ќе ги преиспитуваат одлуките на судиите и ќе ги водат натпреварите, туку во природата на протоколот што бара од нив да изигруваат детективи и да се надмудруваат со колегите на теренот.

Според протоколот на ИФАБ, смислен од Елереј, од ВАР не се бара да пресуди правилно или погрешно, туку да ги преиспита мотивите на судијата на теренот при донесувањето на одлуката. „Оригиналната одлука на судијата нема да биде изменета, освен ако не се појави јасна и очигледна грешка“, се вели во протоколот. ВАР ја прегледува снимката, а преку слушалките го слуша објаснувањето на колегата на теренот зашто ја донел одлуката. Оттука ВАР се претвора во детектив, кој се обидува да ги потврди доказите од снимката со објаснувањето и да одлучи дали и колкава е таа разлика.
Поголемиот дел од англиските судии, вклучени во целиот процес, сакаат сѐ да се поедностави. ВАР би можел да функционира, истакна „Телеграф“.

Но треба да се промени протоколот за да му се овозможи тоа. Дали промената ќе се случи со одлуката контролата над тој процес да ја преземе Пјерлуиџи Колина, претседател на Комисијата за судии на ФИФА, останува да се види. Ковид-19, исто така, имаше влијание и врз перформансите на судиите во ВАР-собата. Пред пандемијата, судиите можеа слободно да се дружат пред да заминат во просториите. Сега не се гледаат еден со друг и секој оди директно во својата просторија. Таквата изолација им ја отежнува работата, сега ВАР ги разгледува инцидентите самостојно, сомнежите се множат, а инстинктите се како оние на судијата на теренот.