Капитенот на Хрватска Лука Модриќ беше движечката сила на тимот на патот кон големото финале на Мундијалот 2018. И покрај поразот од Франција (2:4) во битката за титулата, фудбалерот на Реал Мадрид повторно се претстави неверојатно, а по натпреварот ја доби наградата за најдобар играч на шампионатот.

– Сама по себе оваа награда не може да го подобри моето расположение, бидејќи загубивме. Сė што сакав беше да ја освоиме титулата. Мислам дека немавме среќа. И сите во нашиот тим се на истото мислење. Бевме подобри од Французите, но, за жал, во фудбалот, не секогаш победува подобриот – рече Модриќ.

Тој смета дека вториот примен гол, кој дојде од пенал по преглед на ситуацијата со ВАР системот, бил клучниот момент во натпреварот.

– Бевме непријатно изненадени дека судијата одлучи да користи ВАР. И не само тоа, во целина имаше чудни судиски одлуки. Пред првиот гол на Французите воопшто не им се судеше прекршок. Се вративме во натпреварот и игравме навистина добар фудбал, но судијата досуди пенал за Франција. Таквите ситуации буквално ги убиваат тимовите – се пожали хрватската ѕвезда по мечот.