ФУДБАЛ

Стадионите ќе бидат поделени во три зони, се воведуваат две дополнителни измени и девет играчи на клупите за резервни фудбалери, играчите не смеат да плукаат, да делат пијалаци со други или да се ракуваат. Сѐ ќе мора да се дезинфицира. На најниските редови на трибините ќе има клупски и навивачки обележја, за ТВ-гледачите ќе има т.н. повторена снимка од 360 степени, на камерите ќе им биде дозволен влез во тунелот пред мечевите…

Стадионите во англиската фудбалска Премиер-лига ќе бидат поделени во три зони во продолжението од сезоната, која ќе се игра без публика, од 17 јуни, по повеќе од три месеци прекин поради пандемијата на коронавирусот. Безбедноста ќе биде приоритет број еден.

– Сега сме во процес на договарање на протоколите за натпреварите, кои ќе вклучуваат сѐ, од зони на стадионите во црвена, жолта и зелена боја – напиша потпретседателката на Вест Хем, Карен Брејди, во колумната за „Сан“.

Црвената зона ќе биде најстрого забранета област и ќе биде ограничена на максимум 105 лица. Тука, „во средиштето на акцијата“, на теренот и покрај него, ќе бидат вклучени играчите, тренерскиот персонал, соблекувалните, службените и другите неопходни лица. Влез во таа област ќе имаат само оние што биле негативни на ковид-19 во претходните пет дена. Жолтата зона ги опфаќа сите внатрешни делови од стадионот, вклучувајќи ги и просториите за печатените медиуми, и ќе биде ограничена на минимален број лица, на кои ќе им се мери температурата пред влезот. Во зелената зона спаѓаат надворешните реони околу стадионите, вклучувајќи ги и паркинзите.

Се воведуваат две дополнителни измени во текот на мечот и девет наместо седум играчи на клупите за резервни фудбалери. Останува правилото на Лигата дека клубовите мора да играат со најсилните состави. Играчите не смеат да плукаат, да ги делат пијалаците со други или да се ракуваат.

– Во сите делови на стадионите треба да се почитува препораката за физичко растојание и да се воспостават други процедури, за да се осигури дека ќе биде така. Ова значи дека во соблекувалната, менаџерите и фудбалерите пред натпреварите за договор ќе имаат на располагање само 15 минути. Мора да се осигуриме дека играчите ќе се воздржуваат од плукање и сѐ ќе мора да се дезинфицира, вклучувајќи ги корнер-знаменцата и топките – вели Брејди.

Брејди рече и дека на најниските редови на трибините на сите 20 стадиони ќе има клупски и навивачки обележја. ТВ-гледачите ќе можат да гледаат повторувања на најинтересните мигови со т.н. повторена снимка од 360 степени и, ако сакаат, да ги следат преносите со звуци од публика. На ТВ-камерите (без звук) ќе им биде дозволен влез во тунелот пред мечевите. На дресовите на сите фудбалери ќе стои логото на националниот здравствен систем (НСЗ).