Енис Барди

Македонската репрезентација веќе ги бере плодовите од младинската селекција што пред една година испиша историска страница со првиот настап на една македонска фудбалска селекција на европските првенства.

На тој континентален шампионат во 2017 година во Полска, Македонија се пласира супериорно, надминувајќи го и гигантот Франција, во чиј состав во тие квалификации играа неколку фудбалери што годинава станаа сениорски светски шампиони на Мундијалот во Русија, како на пример Бенжамин Павар (Штутгарт), Корентин Толисо (Баерн), Бенжамин Менди (Манчестер сити), Томас Лемар (Атлетико Мадрид), Осман Дембеле (Барселона), Преснел Кимпембе (ПСЖ) и Лукас Хернандес (Атлетико Мадрид).

Од таа младинска репрезентација на Македонија сега во сениорскиот состав кај селекторот Игор Ангеловски настапија петнаесетина. Ако го издвоиме само овој циклус, од групната фаза на Лигата на нациите, од младинската златна генерација сега во А-репрезентацијата се Енис Барди (шест меча, два гола), Висар Муслиу (шест), Бобан Николов (пет), Егзон Бејтулаи (пет), Елиф Елмас (пет), Ѓоко Зајков (два), Кристијан Тошевски (еден), Дамјан Шишковски, а на претходните средби по младинското ЕП 2017 играа и Марјан Радески, Кире Маркоски, Дарко Велковски, Никола Ѓорѓев, Виктор Ангелов, Давид Бабунски (некои од нив беа повикувани и за мечевите од Лигата на нациите)…

Со тоа Македонија доби одличен спој на младоста и на искуството, кое го носат Горан Пандев, Аријан Адеми, Иван Тричковски, Стефан Спировски, Илија Несторовски, Александар Трајковски, Езгјан Алиоски, Ферхан Хасани, Столе Димитриевски, Стефан Ристовски, Кире Ристески…