Наџаков беше член на составот на Брегалница што ја освои првата титула првак на Македонија во 1964 година. Тој и како тренер остави печат во фудбалскиот живот во Штип и во Македонија. Наградата за животно дело доделена од Тренерската организација е потврда за неговите квалитети

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (214)

Нема сомнение дека Штип е фудбалски град. Самиот факт дека ФК Брегалница е синоним преку кој се препознава и градот под Исарот најдобро говори за ова. Фудбалот отсекогаш бил спорт што ги привлекувал младите штипјани, чија желба била еднаш да завршат во редовите на Брегалница. Таа љубов е вековна, а се чини дека без Брегалница, Штип немаше да ги има обележјата на фудбалски град. Вака градот е влезен на фудбалската мапа, во која егзистира уште од поранешна Југославија, дури и многу порано.
– Токму поради таа популарност што ја имаше Брегалница, и ние штипските деца посакувавме еден ден да заиграме за неа. Фудбалот беше наша преокупација. Се сеќавам, таму некаде кон крајот на 40-тите години, кога немавме вистинска топка, ние од љубов кон оваа игра трчавме и шуткавме „парталава“ топка. Секој празен градски простор беше претворен во игралиште, на кое во текот на целиот ден се менуваа маалските екипи и се натпреваруваа која ќе биде подобра – ја почнува својата приказна еден од легендарните штипски фудбалери и тренери Мирко Наџаков.
Така беше во тоа време, кога младите штипјани ја покажуваа својата љубов кон фудбалот, додека не дојдоа поубавите денови и кога на улиците и низ дворовите почна да отскокнува вистинската топка.
– Кога го дочекавме тоа време, бевме пресреќни. Никој не можеше да нѐ оддели од гумената топка, а потоа и од вистинскиот фудбал. Така, играјќи на една полјанка со маалската екипа, нервозен што го загубивме натпреварот, и не забележав дека ми пријде повозрасен човек и ми праша: Сакаш да играш во Брегалница? Збунет, му одговорив дека тоа ми е животна желба. Тогаш, дојди утре на тренинг со младинците, ми рече човекот, кој всушност беше економ во клубот – вели Наџаков.

СО 16 ГОДИНИ ПРВОТИМЕЦ НА БРЕГАЛНИЦА

Наџаков пристигна во редовите на популарниот клуб и неговата кариера со метеорска брзина почна да оди во нагорна линија.
– Играв за младинската екипа, во која беа моите другари Ражанков и Миладинов. Тогаш со Хаџиев бев земен и во младинската репрезентација на Македонија, чиј тренер беше Стево Каранфиловиќ. Учествувавме на еден Куп на републиките во Нови Сад, каде што успешно се справувавме со сите ривали. Да кажам дека во таа репрезентација беа и вардаровите легенди Петар Шулинчевски и Мирко Илиевски. Таму одигравме добро, а јас потоа бев земен за Б, а Хаџиев за А-репрезентацијата на Југославија. Тоа беше големо признание за нас и воопшто за Брегалница – продолжува Наџаков.
Мирко Наџаков уште како младинец заигра за сениорската екипа на Брегалница. Тоа беше времето кога на подрачјето на Југославија имаше и Четврта зона, што имаше ранг на сојузна лига. Резултатите од сите натпревари се објавуваа во весниците на подрачјето на целата земја, па, така, клубовите, меѓу кои и Брегалница, не беа непознати за пошироката фудбалска јавност.
– Кога заиграв за првиот тим на Брегалница имав 16 години и бев најмлад првотимец. Меѓутоа, го облеков првотимскиот дрес откако тимот испадна од Четвртата зона и играше во пониските лиги во Републиката, а потоа и во Македонската. Нашата лига беше многу силна. Во неа беа Пелистер, Куманово, Работнички, Беласица, додека Победа, која беше одлично организирана, беше стандардна во Втората, а Вардар член на Првата лига. Многу сум задоволен што во мое време, кога имав 24 години, во сезоната 1963/1964, Брегалница стана првак на Македонската лига, што беше нејзина прва титула. Тогаш имавме еден состав што постарите љубители на фудбалот и денеска го паметат. Покрај мене, да ги споменам Ефремов, Желев, Илиев, Манушев, Хаџиев, Ципушев, Ражанков, Арсов, Ашиков, Гордош, Каракашев. Тренер ни беше Пуриќ, кој долго време се наоѓаше на кормилото на тимот, па остана и да живее во Штип. Меѓутоа, по освојувањето на републичката титула, патувајќи за Титоград (сега Подгорица), да го одиграме квалификацискиот натпревар за Втората лига, доживеавме сообраќајка, во која животот го загуби нашиот технички директор Караколев, што сите нѐ потресе и долго време не можевме да се ослободиме од мислата за тоа што го доживеавме – се сеќава Мирко.

ЧЕТВРТФИНАЛИСТИ ВО КУПОТ НА ЈУГОСЛАВИЈА

По освојувањето на шампионската титула во Македонија и второлигашките денови, штипјани поминаа низ многу турбулентни години. Секогаш беа во врвот на македонскиот фудбал, а имаа добри резултати како второлигаши во силната југословенска Втора лига. Мирко Наџаков, кој во 1966 година се збогува од активното играње, замина на отслужување на воениот рок.
– Кога се вратив, моите амбиции беа свртени кон тренерската работа. Токму поради тоа се запишав и на педагогија, па колку што ми дозволуваше времето, ги полагав и испитите на факултетот. Меѓутоа, најсреќниот момент за мене беше кога луѓето од Брегалница, кога имав 31 година, ме назначија за прв тренер. Бев млад во тренерскиот занает и мислата како ќе се снајдам многу ме оптоваруваше. Но, сѐ се одвиваше добро, единствена тешкотија ми причинуваше тоа што работев и како наставник по физичко, па ми беше малку напорно. Но сето тоа ме исполнуваше и го правеше мојот живот содржаен – вели Наџаков.
Иако не секогаш се исполнуваат желбите и очекувањата, сепак, Наџаков имаше добри резултати како тренер.
– Најголем успех го сметам пласманот на Брегалница во четврт-финалето на југословенскиот куп. Во 1986 година бевме куп-победници на Македонија и се пласиравме понатаму, да се бориме за југо-купот. Таму прво ја елиминиравме Шумадија од Аранѓеловац, а потоа постигнавме голем успех елиминирајќи ја Олимпија, која ја совладавме со 1-0. Голот го постигнавме од пенал, а мечот се играше пред преполните трибини во Штип. Во следната рунда наидовме на Вележ, кој во Мостар нѐ совлада со 2-0 и така бевме елиминирани од Купот – вели тој.

СО МАКЕДОНИЈА – БАЛКАНСКО СРЕБРО

Колку Мирко Наџаков беше успешен како тренер покажа и неговата работа со македонската младинска репрезентација.
– Јас и пред распадот на Југославија, заедно со Игнатовски, тој како селектор, јас како тренер, ја водев младинската репрезентација на турнирите во Југославија. Но, особена чест ми претставуваше кога по осамостојувањето на Македонија бев назначен за селектор на младинската репрезентација. Сега, како самостојна држава признаена од ФИФА и од УЕФА настапувавме на сите меѓународни натпревари и квалификации за ЕП и за СП, па, според тоа, и на балканијадите. Многу ми е мило што јас како селектор со младинската репрезентација, во која тогаш беа Новевски, Баевски, Вајс и други, го освоивме второто место и сребрениот медал на Балканијадата во 1996 година во Параќин, на која први беа Грците. Потоа повеќе се оддадов на пишување стручни книги, па, така, по барање на ФФМ, во 2004 година направив една компилација од сите мои трудови за да биде како прирачник за тренерите. За сите тие вложувања во тренерската работа од Тренерската организација, на чие чело еден период бев и јас, добив награда за животно дело, што за мене е рамно на „оскар“ – вели тој.
Интересно е дека во својот работен век Мирко Наџаков беше и последниот претседател на СИЗ за култура и физичка култура, кој имаше околу 100 вработени. Тој и таму, исто како и во фудбалот, ги решаваше проблемите и настојуваше институцијата да функционира на едно високо ниво.
Откако поминаа сите тие бурни денови, Наџаков си најде други задоволства. И денеска е неразделен од гитарата, со која другарува од младоста, а задоволство му причинува и одгледувањето пчели. Убави мигови поминува и со внуците, вкупно четири, по два од синот и од ќерката.

Летна пауза до септември
Серијалот на Зоран Михајлов на страниците на „Нова Македонија“ за великаните на македонскиот спорт ќе паузира во текот на летниот период. Од септември читајте ги новите продолженија од репортерскиот бележник на доајенот на македонското спортско новинарство, секој понеделник, во прилогот на спортската рубрика.