Македонскиот фудбалски интернационалец Мирко Ивановски(28) се наоѓа на лекарски прегледи во Сплит и доколку сė мине како што треба, тој би требало да стане новото засилување на сплитски Хајдук.

На Ивановски договорот со Славен Белупо му истекува на 15 јуни, тим за кој Македонецот играше изминатите две сезони. Постигна 27 голови и шест асистенции во 66 настапи за фармацевтите, кои сакаа да го задржат, но тој ја одбил нивната понуда бидејќи сака да игра за Хајдук.

Инаку Ивановски оваа сезона беше одличен во редовите на прволигашот од Копривница. Со 15 постигнати голови заврши на третото место на табелата на стрелци во Хрватската фудбалска лига, со два гола помалку од Соудани и еден помалку во однос на Хебер, со кој беше соиграч во Славен во сезоната 2016/2017 година.

За македонската фудбалска репрезентација Ивановски запиша 27 настапи и постигна еден гол.

Пред доаѓањето во Хрватска, играше за Пелистер, потоа за Македонија од Ѓорче Петров, за полска Арка, за романските Астра и Клуј, за унгарски Видеотон, турски Болуспор, од каде пристигна во Славен Белупо.

– Навистина се наоѓам во Сплит и тука сум во друштво со Звонимир Шарлија, соиграч од Славен кој порано играше за Солин.Не би сакал ништо да зборувам, има време – рече Ивановски во телефонски разговор за „Слободна Далмација“.