Фото: Игор Бансколиев

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022

Сакаме да покажеме дека заслужуваме да бидеме меѓу најдобрите. Резултатот е секогаш важен. Затоа, во пресрет на подготовките за натпреварот со Ерменија, велам дека сакаме победа, бидејќи тој резултат ќе ни донесе дополнителна самодоверба. Имам мотив и енергија да работиме квалитетно, максимално професионално и да бидеме конкурентни, вели селекторот Милевски

Почнуваме нов репрезентативен предизвик и се радувам на собирот и на деновите што ни следуваат. Имам мотив и енергија да работиме квалитетно, максимално професионално и да бидеме конкурентни. Јас сум селектор и притисокот е врз мене.

Фудбалерите мора да продолжат да веруваат во себе и во својот квалитет. Нашата заедничка цел е борба до крајот во тековните квалификации, создавање група во која тимот, а не индивидуалци, ќе биде најбитен и, крајно, да направиме сѐ за да бидеме конкурентни за настап на следното Европско првенство, вели за интернет-страницата на Фудбалската федерација на Македонија, селекторот Благоја Милевски, пред трите меча во квалификациите за пласман на Светското првенство в година во Катар.

Во 4. коло од квалификациите за СП 2022, репрезентацијата на Македонија в четврток игра во Скопје со Ерменија, в недела е гостувањето кај Исланд, а на 8 септември е дуелот со Романија во Скопје. По три кола, Македонија има шест бода и е на второто место. Во групата води Ерменија, со девет бода.

– Резултатот е секогаш важен. Затоа, во пресрет на подготовките за натпреварот со Ерменија, велам дека сакаме победа, бидејќи тој резултат ќе ни донесе дополнителна самодоверба. Го познавам тимот, знам дека имаме амбициозни и талентирани фудбалери, но и играчи со квалитет и искуство, кои уште се гладни за нов, голем резултат. Освен тоа, имаме неколкумина репрезентативци што влегуваат во најдобрите фудбалски години од своите кариери, а нивниот пристап ми говори дека македонската репрезентација ќе биде во одлични раце по повлекувањето на неколкумина фудбалери. Го сакаме предизвикот и сакаме да покажеме дека заслужуваме да бидеме меѓу најдобрите. Се надевам дека сите ќе бидеме здрави и подготвени за тоа – вели Милевски.


ГРУПА Ј, 4. КОЛО
Македонија – Ерменија
Лихтенштајн – Германија
Исланд – Романија
ТАБЕЛА
Ерменија 3 3 0 0 6-2 9
Македонија 3 2 0 1 9-4 6
Германија 3 2 0 1 5-2 6
Романија 3 1 0 2 5-6 3
Исланд 3 1 0 2 4-6 3
Лихтенштајн 3 0 0 3 1-10 0
мечевите се в четврток,
од 20.45 часот