Ако победи во финалето на ЛШ вечерва во Мадрид, Ливерпул ќе ја освои шестата титула првак на Европа и ќе ги престигне Баерн и Барселона. Тотенхем, пак, игра за првиот шампионски европски пехар, како и двата тренера, Клоп, односно Почетино

Кој и да победи во вечерашното финале во Лигата на шампионите (ЛШ), Тотенхем – Ливерпул, на стадионот „Метрополитано“ во Мадрид од 21 часот, ќе испише нова страница во европската клупска фудбалска историја. Ова ќе биде и седмо финале во историјата на ЛШ во кое ќе се сретнат тимови од иста земја, второ англиско, по она во 2008-та помеѓу Манчестер јунајтед и Челси.
Ливерпул има шанса за освојување на шестата титула првак на Европа, прва по незаборавната ноќ во Истанбул на 25 мај 2005 година и триумфот над Милан. Доколку победат „црвените“ на листата на победници ќе ги прескокнат Баерн и Барселона, кои имаат по пет титули, и ќе му се приближат на Милан (седум титули), па и на Реал Мадрид, кој е најтрофејниот со 13-те триумфи.

Тотенхем никогаш не бил европски првак. Во Купот на УЕФА (сега Лига Европа) Тотенхем двапати триумфира, во 1972 и во 1984 година, а во КПК во 1963 година, но ова е прво финале во ЛШ во клупската историја. Доколку триумфира Тотенхем ќе биде шестата англиска екипа, која ја освојува титулата со што ќе им се приклучи на Ливерпул (пет титули), Манчестер јунајтед (три), Нотингем форест (две), Челси и Астон вила (по една).

Менаџерите на двата тима, Германецот Јирген Клоп (Ливерпул) и Аргентинецот Маурисио Почетино (Тотенхем) ќе можат да сметаат на сите 23 пријавени фудбалери (12 ќе бидат на клупата за резервни играчи). Во случај на продолженија дозволена е уште по една, четврта измена. Двајцата тренери никогаш досега не биле европски прваци, ниту, пак, имаат друг европски трофеј.

Двата тима во финалето се пласираа по спектакуларните пресврти во полуфиналето. Тотенхем по поразот дома од Ајакс, 0-1 и заостатокот по 0-2 во реваншот израмни во вкупниот резултат на 3-3 и победи според правилото за предност на тимот со повеќе постигнати голови на гости. Ливерпул, пак, во првиот меч на гости загуби од Барселона со 0-3, но дома победи во спектакуларен натпревар со 4-0.

Процените се дека повеќе од 70.000 навивачи на Ливерпул и на Тотенхем ќе бидат во Мадрид на финалниот натпревар. Шпанската полиција подготвува огромна безбедносна операција во која ќе бидат вклучени 4.700 полицајци, поголема од онаа за финалето во Копа Либертадорес во декември лани кога играа аргентинските Бока јуниорс и Ривер плата и кога беа ангажирани 4.000 полицајци. Навивачите на двата тима добиле по 16.613 влезници што значи дека повеќето од нив мечот ќе го следат на ТВ-екраните.


За Тотенхем ќе се навива и на нивниот стадион

Тотенхем го распродаде целокупниот капацитет на новиот стадион во Лондон (62.062 места) за навивачите што ќе останат дома за да го следат мечот од финалето на фудбалската Лига на шампионите со Ливерпул, на најголемите ЛЕД-екрани во Европа од ваков вид и со најсовремено озвучување, поставени на северниот дел од трибината. Планирани се слични, дополнителни екрани и на теренот, за сите гледачи да имаат појасна слика. Билетите за тоа задоволство чинат 10 фунти за возрасните, а пет фунти за децата.


Седмо финале со тимови од иста земја

Финалето на фудбалската Лига на шампионите сезонава ќе биде седмо во кое тимовите ќе бидат од иста земја, а вторпат од Англија (Тотенхем и Ливерпул). Првото такво финале се случи во 2000 година, кога играа шпанските Реал Мадрид и Валенсија. Три години подоцна италијански екипи играа во финалето, Милан и Јувентус. Во 2008 година во мечот за европската титула се сретнаа англиските Манчестер јунајтед и Челси, во 2013 година германските Баерн и Борусија Дортмунд, а во 2014 и во 2016 година играа исти тимови од Шпанија, Реал и Атлетико.