Најчитаниот весник во Шпанија – „Марка“, ги додели своите годишни награди за сезоната 2017/2018 (се врачуваат од 1953 година) – за најдобар стрелец на шампионатот, за најдобар играч, за најдобар тренер, шпански голгетер и друго.

Ѕвездата на Барселона, Лионел Меси повторно ги освои двете најпрестижни признанија – наградата „Алфредо ди Стефано“ за Најдобар играч минатата сезона и „Пичичи“ – за фудбалер со најмногу голови. Аргентинецот постигна 34 гола за „блауграна“ во последната кампања, помагајќи му на тимот да ја освои титулата.

Наградата е петта за Меси во неговата кариера, која го изедначува со легендите Алфредо Ди Стефано, Кини и Хуго Санчез. На врвот продолжува да биде Телмо Сара со шест.

Трофејот „Замора“, за најдобар голман, беше предаден на играчот на Атлетико Мадрид, Јан Облак. Ова е трет таков трофеј за словенечкиот репрезентативец, кој прими само 22 гола во 37 натпревари во сезоната 2017/2018.

Трофејот „Телмо Сара“ – за најдобар шпански голгетер, пак отиде кај напаѓачот на Селта – Јаго Аспас, кој постигна 22 гола во изминатиот шампионат.

За Најдобар тренер – трофејот „Мигел Муњос“, беше прогласен тренерот на Валенсија – Марселињо Гарсија Тора, кој ги рангира „лилјаците“ за Лигата на шампионите, завршувајќи ја сезоната четврти.