Меси на мечот против Рајо Валјекано го надмина Иниеста според бројот на одиграни
првенствени натпревари (443)

Речиси секој викенд, аргентинскиот фудбалски волшебник Лионел Меси, соборува и поставува нови рекорди во дресот на Барселона. Во саботата, дуелот против Рајо Валјекано (3-1) за Меси беше 443-от првенствен за Барселона, со што според бројот на одиграни натпревари го надмина Андрес Иниеста. Пред Меси во оваа категорија е само Чави, кој има одиграно рекордни 505 меча во шпанската Ла лига за Каталонците. Натаму на таа листа следуваат Карлес Пујол (392), Мигели (391), а од активните предничат Серхио Бускетс (336) и Жерар Пике (302). Севкупно Чави има одиграно 767, Иниеста 674, а Меси 671 меч. Но, Меси има забележано најмногу победи, на 331 меч, на кои постигнал 408 гола!

На дуелот против Рајо Валјекано, Меси постигна еден гол, за него 26-ти (плус 12 асистенции) на 25 меча сезонава (најмногу во петте најсилни европски лиги), со што Барселона го задржа водството од седум поени пред Атлетико, по 27-те кола и 12 поени пред Реал, и е на добар пат повторно да ја освои шампионската титула, осма во последните 11 години.

Барса ќе игра и во финалето на „кралскиот куп“ против Валенсија (25-ти мај) и има реални шанси да го освои и тој трофеј, петти пат по ред, седми во последните 11 сезони. И што е многу битно за Барселона, сѐ уште е во игра за освојување на четвртата титула во Лигата на шампионите (ЛШ) во истиот временски период.

Барселона во осминафиналниот реванш-натпревар, задутре на „Ноу Камп“ ќе игра против Лион со кого во првиот меч одигра без голови, 0-0. Освојувањето на трите трофеи би бил фантастичен успех, трет за Барселона по 2011 и 2015 година.

Тоа се огромни успеси за еден фудбалски клуб во период од 11 години, во голема мера благодарение и на Меси, кој не дозволи каталонскиот клуб да падне во сенка на успесите на Реал на европски план и на освоените четири титули првак на Европа за пет години. Доминацијата на Барселона над Реал на домашен план се потврди во меѓусебните дуели, сезонава. Во последниот „ел класико“ пред десетина дена, четврти сезонава, Барса на „Сантјано Бернабе“ го совлада Реал со 1-0. Лани во октомври Барса го растури Реал на „Ноу Камп“ победувајќи го со 5-1. Во полуфиналето на купот, Барса ремизира дома 1-1, но во реваншот славеше со убедливи 3-0.