Лионел Меси пристигна во Париз, каде што ќе стане нов фудбалер на Пари Сен Жермен, како што објави францускиот клуб на својот сајт.

Таткото на аргентинскиот фудбалер, кој е и негов агент, Хорхе Меси, веќе потврди дека неговиот син ќе стане играч на ПСЖ, каде што му обезбеди двегодишен договор со опција за уште една сезона. Меси ќе заработува околу 35 милиони евра по сезона.

Со ова се става крај на неговата ера во Барселона, од чија школа започна како 13-годишник за да стане еден од најдобрите фудбалери на денешницата, освојувајќи шест „златни топки“.

За Барселона тој одигра 778 натпревари и постигна 672 гола, освојувајќи четири трофеи во Лигата на шампионите, 10 шампионски титули во Ла лига и седум во шпанскиот куп.