Меси има дадено 623 гола за Барселона

Аргентинецот Лионел Меси (32) стана првиот играч во историјата на шпанскиот фудбал што забележал 500 победи. Тоа се случи на мечот Барселона – Леганес (5-0), на кој Меси даде два гола, по што Каталонците се пласираа во четврт-финалето на „кралскиот“ куп. Зад Меси, според бројот на победи за Барселона се неговите поранешни клупски колеги, Чави со 482 и Андрес Иниеста со 459 победи. Икер Касилјас и Серхио Рамос во дресот на Реал забележале 463, односно 439 победи.

На Меси до 500-та победа во дресот на Барселона му беа потребни 710 натпревари (плус 131 реми и само 79 порази). Тој за Барселона има постигнато и 623 гола и е блиску до соборување на рекордот на легендарниот Пеле, кој за Сантос има дадено 643 гола.

Меси има прокнижено 285 победи за Барселона на домашен терен, на „Ноу камп“, на 348 меча. Таа статистика покажува дека Барселона има триумфирано на 82 отсто од натпреварите на домашен терен на кои настапил Меси. Во текот на 15-годишната кариера, најчеста „жртва“ на Меси била Севилја, 29 победи на 38 натпревари, а потоа следуваат Атлетико и Атлетик (по 24 победи) и Еспањол (23) итн.
На дуелите против вечниот Реал, на 40 натпревари, Меси има забележано 19 победи, 11 ремија и 12 порази.