Тоа се случи на дуелот против Севилја во Ла Лига, кога Аргентинецот од слободен удар од 18 метри ја затресе противничката мрежа

Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси, дури по два месеца од почетокот на годинашнава натпреварувачка сезона во шпанската Ла Лига, првпат успеа да ја затресе противничката мрежа. Поточно тоа се случи викендов во 8-то коло, кога неговиот тим Барселона убедливо со 4-0 на свој терен ја совлада Севилја.

Меси, кој поради повреди пропушти повеќе натпревари сезонава, дури во 5-то коло се појави на теренот и постигна прекрасен гол, но истовремено тој е и историски за него.
Имено, препознатливиот симбол на Барселона во својот 692. настап за овој клуб, го реализира вкупно 604-от гол, но овој беше посебен, оти Меси го постигна на достоинствен начин. На оддалеченост од 18 метри од противничкиот гол, од десната страна од слободен удар успеа да шутира и перфектно да ја смести топката во мрежата на противничкиот голман. За Меси ова беше вкупно 100. гол (43 од слободен удар) во дресот на Барселона, кој го постигнал надвор од шеснаесетникот.

Како што е познато, неодамна Меси, по пауза од четири години, повторно беше избран за фудбалер на годината, според изборот на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Меси доби најмногу гласови од страна на селекторите и капитените на репрезентациите од целиот свет, а како и секоја година гласаа и новинарите, вкупно 364, додека второпласираниот Вирџил ван Дајк од Ливерпул имаше 462. Ова за Меси беше вкупно шеста „Златна топка“ во неговата досегашна фудбалска кариера. 


Рекордите на Лионел

Меси минатата сезона покрај тоа што ја освои титулата во Ла Лига и во Суперкупот, беше најдобар стрелец во Ла Лига (36), освои „Златна копачка“ во Европа, беше најдобар стрелец во Лигата на шампионите (12), шести пат даде над 50 гола во сезона (51), стана рекордер по бројот на победи во Ла Лига (334), по бројот на победи за Барселона (447), а е рекордер и по бројот на шампионски титули во Барселона (10). Понатаму тој освои бронза на „Копа Америка“, 11-та сезона во низа во Ла Лига постигнува над 20 гола, постигна 51 гол во „Копа Дел Реј“, стигна до 50-от хет-трик во кариерата (44 за Барселона, шест за Аргентина), стана прв играч што постигнал барем еден гол на шест различни финалиња во „Копа Дел Реј“…