ФУДБАЛ

Лионел Меси нема да донесе одлука за натамошната иднина во Барселона сѐ додека не заврши сезоната. Тој во ТВ-интервјуто не ја отфрла и можноста еден ден кариерата да ја продолжи и во САД, објави агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Ќе почекам до крајот на сезоната за да одлучам – изјави 33-годишниот Меси во интервјуто за приватната шпанска ТВ-станица Ла секста.

Од 1 јануари, Меси ќе може да преговара со други клубови, бидејќи неговиот договор со Барселона истекува во јуни. Во август Меси соопшти дека сака да си замине од клубот, по сезоната без титули што кулминира со поразот од Баерн, 2-8, во четврт-финалето од Лигата на шампионите. Клубот одговори со не. Оттогаш тој продолжи да игра со ист жар како и порано, но не се изјасни за тоа дали се премислил во врска со желбата да замине од клубот.
– Сега сум фокусиран на освојувањето титули наместо на други работи. Кај мене отсекогаш постоела идеја дека сакам да имам искуство од играње во САД, но сега не е време за тоа – вели Меси.

Меси е дециден дека нема јавно да поддржува ниту еден од кандидатите за претседател на Барселона на изборите закажани за 24 јануари.
– Нека победи најдобриот кандидат. Кој и да биде, ќе се најде во многу тешка ситуација, бидејќи нема да биде лесно да се свртат работите на подобро. Ќе биде тешко да се ангажираат нови играчи. Недостигаат и неколку играчи за да се вратиме во трката за трофеи – вели Меси.