Двајцата најдобри играчи на денешницата, Аргентинецот Меси и Португалецот Роналдо, од летово се во ПСЖ, односно во Манчестер јунајтед, со желба за освојување на титулата

ФУДБАЛ – ПОЧНУВА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Со 16-те вечерашни и утрешни натпревари почнува групната фаза во новата сезона во престижната Лига на шампионите (ЛШ) во фудбал, кои ќе кулминираат со големото финале што треба да се одигра во Санкт Петербург на 28 мај 2022 година. По централниот фудбалски настан годинава, одложеното Европско првенство, летово следуваа низа спектакуларни трансфери, меѓу кои за издвојување се оние на двајцата најдобри играчи на денешницата. Аргентинецот Лионел Меси ѝ стави крај на долгогодишна кариера во Барселона и се пресели во Пари сен Жермен, а Португалецот Кристијано Роналдо повторно е во Манчестер јунајтед.
Меси ќе може да дебитира за новиот клуб на мечот утре кај Бриж.
– Многупати кажав дека мојот сон е да освојам уште еден пехар во ЛШ и мислам дека сум на идеално место за да го направам тоа – изјави Меси по трансферот во францускиот клуб.

Роналдо по 12 години во дресот на Манлестер јунајтед во ЛШ може да игра денеска, на гости кај Јанг бојс.
– Имаме фантастичен млад тим, со фантастичен тренер. Му припаѓам на Манчестер. Пристигнав тука на 18 години и тие ме прифатија и ме третираа на неверојатен начин. Тоа е причината зошто се вратив. Многу сум горд што сум тука, сакам да победувам – изјави Роналдо, рекордерот во ЛШ според постигнати голови, 134, за 14 повеќе од Меси.
Од поинтересните дуели во 1. коло се Барселона – Баерн, прв по поразот на Каталонците со 2-8 во четврт-финалето пред две години и Ливерпул – Милан, клубовите што заедно имаат 13 европски титули и кои ќе го играат третиот официјален меч, по „Чудото од Истанбул“ во 2005-та и триумфот на Ливерпул, и по реваншот на Милан во финалето во 2007 година. Милан по пауза од осум години повторно е во ЛШ. Актуелниот првак Челси се засили со Ромелу Лукаку, кој пристигна од Интер, шампионот на Италија, каде што беше избран за играч на сезоната. Други познати имиња меѓу 32-та тима во ЛШ се Реал Мадрид, рекордерот со 13 европски титули, Интер, Ајакс, Бенфика и Порто, последниот клуб што бил првак (во 2004-та), а не е од Англија, Германија, Шпанија или од Италија. Шериф од Молдавија е единствениот дебитант сезонава во ЛШ.


Најдобрите ќе можат да заработат над 100 милиони евра?

Клубовите што сезонава се натпреваруваат во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) ќе имаат шанса да заработат 85,1 милиони евра (лани 82,5 милиони). До таа сума се доаѓа доколку тимот победи на секој натпревар во групната фаза и на крајот го крене трофејот. Тоа е многу повеќе од наградите во Лига Европа, 23,4 милиони евра, и во Лигата на конференции, 15,5 милиони евра. Вкупно, наградниот фонд во ЛШ изнесува 1,1 милијарда евра. За пласман во групната фаза се добиваат 15,64 милиони евра, за победа во групната фаза 2,8 милиони, а за реми 930.000 евра. Пласманот во осминафиналето им носи на клубовите по 9,6 милиони, во четврт-финалето по 10,6 милиони, а во полуфиналето по 12,5 милиони евра. Финалистите ќе добијат по 15,5 милиони, а победникот дополнителни 4,5 милиони евра. Клубовите ќе добијат пари и од комерцијалните и други зделки што значи дека најдобрите и најуспешните сезонава ќе можат да инкасираат над 100 милиони евра.