Во осминафиналето Барселона со елиминира Наполи, Баерн беше убедлив против Челси, а на завршниот фајналејт-турнир во Лисабон се пласираа Манчестер сити и Лион, кои беа подобри од Реал и од Јувентус

Барселона предводена од Лионел Меси, кој постигна еден гол, беше подобра од Наполи (3-1) во осминафиналниот реванш-меч во Лигата на шампионите (ЛШ) и се пласира во четврт-финалето, на завршниот фајналејт-турнир во Лисабон, Португалија. Следен противник на Барселона, во своевидно финале пред финале, ќе ѝ биде бундеслигашот Баерн, кој беше убедлив против Челси, победувајќи го со 4-1.
Претходно пласман во четврт-финалето си обезбедија Манчестер сити, кој го елиминира Реал, најтрофејниот клуб со 13 титули, и Лион, кој го изненади Јувентус, еден од аспирантите за освојување на титулата. Претходно пласман во завршницата обезбедија ПСЖ, Аталанта, Лајпциг и Атлетико.
Барселона остана непоразена и на 36-от меч (32 победи и четири ремија) на „Ноу камп“ во ЛШ, втора најдобра серија по онаа на Баерн од 43 меча, во периодот од 1969 до 1991 година. Каталонците, кои останаа без титулата во шпанската Ла лига, 13-ти пат во низа (од 2006 до 2007-та), се меѓу најдобрите осум во ЛШ, што е најдолга таква серија.

Наполи, пак, беше 57-от тим што Барса го победува во ЛШ, една победа помалку од рекордните 58 триумфи на Реал против различни тимови. Меси има постигнато голови против 35 различни тима во ЛШ, два повеќе од Кристијано Роналдо или вкупно 115. Најефикасен е Роналдо со 130 гола.
Баерн поголемиот дел од работата против Челси си ја заврши на првиот меч во Лондон кога триумфира со 3-0, така што реваншот беше речиси формалност. Во Минхен, Баварците триумфираа со 4-1, а два гола даде Роберт Левандовски, кој беше инволвиран при постигнувањето на сите седум гола на двата меча (три гола и четири асистенции). Левандовски сезонава има дадено вкупно 53 гола на 44 меча во сите натпреварувања, од кои 13 во ЛШ на седум меча, четири помалку од рекордните 17 гола на Роналдо во сезоната 2013/2014.

– Соборувањето на тој рекорд не ми е цел. Ни престои нов нокаут-меч против Барселона на кој како тим мораме да одиграме најдобро што можеме ако сакаме да се пласираме во полуфиналето. Барселона знае да биде многу опасна и ние мора да бидеме на највисоко ниво уште од првата минута – вели Левандовски.
Манчестер сити се покажа посупериорен во двата меча против Реал и заслужено е во четврт-финалето, а менаџерот Пеп Гвардиола стана третиот тренер, по Марчело Липи со Јувентус и Отмар Хицфилд со Баерн, што успеа да го елиминира Реал во нокаут-фазата во ЛШ.
Зинедин Зидан, пак, првпат е елиминиран во нокаут-фаза во ЛШ по претходните 12 успешни дуели.


Финалните турнири со строги мерки и без публика

Завршните натпревари во ЛШ, од четврт-финалето, полуфиналето (по еден натпревар) и финалето, ќе се играат на два стадиона во Лисабон, на „Луж“ на Бенфика и на „Жозе Алваладе“ на Спортинг, од 12 до 23 август.
Во Германија, завршницата во Лига Европа (ЛЕ) ќе се одржи во четири града, во Гелзенкирхен, Диселдорф, Дуисбург и во Келн, од 10 до 21 август.
Натпреварите ќе се играат зад затворени врати, без публика, со строги хигиенско-медицински и безбедносни протоколи.

Европската фудбалска унија (УЕФА) сите клубови им испрати протоколи во кои, меѓу другото, е наведено дека фудбалерите и клупскиот персонал ќе треба да се тестираат два до три дена пред заминувањето од својата земја и еден ден пред секој меч во Португалија и во Германија. Резултатите од тестовите треба да бидат готови „минимум шест часа“ пред натпреварите. На клубовите им е кажано и дека фудбалерите ќе мора да носат маски на „јавни места“, како и при патувањата, со строга препорака да користат чартер-авиони. УЕФА ги отфрли барањата на некои клубови да патуваат и да се враќаат дома по секој меч за да се испочитуваат строгите правила во и околу хотелите каде што ќе престојува секој клуб. Исто така, фудбалерите се потсетуваат да не ги менуваат дресовите по натпреварите. 


Сари доби отказ во Јувентус, нов тренер е Пирло

Јувентус го совлада Лион со 2-1 со двата гола на Кристијано Роналдо, но тоа не беше доволно за натамошен пласман. Тоа со отказ, веднаш по мечот, го плати тренерот Маурицио Сари (61), на чие место за следните две сезони беше назначен Андреа Пирло (41), кој пред само една недела беше ангажиран за тренер на тимот до 23 години. За Пирло ова е прва тренерска работа во кариерата воопшто.
– Изборот на Пирло се базира на вербата дека тој го има она што е потребно за успешно деби на клупата, а тоа е квалитетен и талентиран тим – се вели во соопштението од Јувентус.

Пирло се враќа во Јувентус каде што настапуваше меѓу 2011 и 2015 година, период во кој „старата дама“ освои четири титули во Серија А и играше во финалето на ЛШ во сезоната 2014/2015-та (загуби од Барселона со 1-3).
На меѓународно ниво, Пирло има 116 настапи за Италија и беше член на репрезентацијата што стана светски првак во 2006 година.


ОСМИНАФИНАЛЕ

Барселона – Наполи 3-1 (1-1)
Баерн – Челси 4-1 (3-0)
Јувентус – Лион 2-1 (0-1)
Манчестер С. – Реал 2-1 (2-1)
во заграда се резултатите од првите натпревари

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

СРЕДА, 12 август
Аталанта – ПСЖ
ЧЕТВРТОК, 13 август
Лајпциг – Атлетико
ПЕТОК, 14 август
Барселона – Баерн
САБОТА, 15 август
Манчестер С. – Лион