Напаѓачот на Барселона веќе има пет трофеи „златна копачка“, признание за најдобриот стрелец во домашните првенства во Европа, а сезонава води со
31 гол и 62 поена, пред Мбапе со 27/54. Жиру, пак, со деветте гола во Лига Европа засега е најефикасен сезонава во европските купови (ЛШ и ЛЕ)

Аргентинецот Лионел Меси, напаѓачот на Барселона е на добар пат шести пат во кариерата да ја добие „златната копачка“ наменета за најефикасниот фудбалер во Европа. Зад Меси, кој сезонава веќе постигна 31 гол, што му носи 62 поена во рангирањето, е Килијан Мбапе од ПСЖ со 27 гола, а трет е Фабио Кваљарела од Сампдорија, кој има 21 гол.

Потоа, со по 19 гола, се петмина играчи – Кристијано Роналдо од Јувентус, Кжиштоф Пјонтек од Милан, Серхио Агуеро од Манчестер сити, Роберт Левандовски од Баерн и Дуван Запата од Аталанта. Еден гол помалку, 18 постигна Луис Суарез од Барселона. По 17 гола сезонава постигнале седуммина фудбалери, и тоа Пјер Емерик Обамејанг (Арсенал), Единсон Кавани (ПСЖ), Хари Кејн (Тотенхем), Садио Мане, Мохамед Салах (Ливерпул), Николас Пепе (Лил) и Кристијан Стуани (Жирона), беше објавено на интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА).

Лани Меси ја доби „златната копачка“ за постигнатите 34 гола, петти пат во кариерата (претходно и во 2010, 2012, 2013 и во 2017). Роналдо е четирикратен освојувач на „златната копачка“.

Французинот Оливие Жиру (Челси, игра во Лига Европа) со деветте погодока е најефикасниот сезонава во натпреварите на УЕФА (Лигата на шампионите и Лига Европа). Зад него, со по осум гола се Меси (Барселона, ЛШ), Висам Бен Једер (Севилја, ЛЕ), Мунас Дабур (Салцбург, ЛЕ) и Роберт Левандовски (Баерн, ЛШ). Србинот Лука Јовиќ има седум гола (Ајнтрахт, ЛЕ), а по шест постигнаа Душан Тадиќ (Ајакс, ЛШ) и Муса Марега (Порто, ЛШ).

Во ланската сезона најефикасен беше Кристијано Роналдо во дресот на Реал, во ЛШ со 15 гола.


ТРКА ЗА „ЗЛАТНАТА КОПАЧКА“
Лионел Меси (Барселона) 31 2 62
Килиан Мбапе (ПСЖ) 27 2 54
Фабио Кваљарела (Сампдорија) 21 2 42
колоните се голови, коефициент и поени