Тој е единствен барем со 400 гола од фудбалерите што целата кариера играле само во едно првенство од најсилните пет во Европа. Вкупно, пак, од активните, поуспешен од него со 409 гола, но во три лиги, е К. Роналдо

Барселона рутински го совлада Еибар со 3-0, на мечот на кој Аргентинецот Лионел Меси го постигна 400-от првенствен гол за каталонскиот фудбалски тим на 435 одиграни натпревари во Ла лига. Меси (31) ќе влезе во аналите како прв фудбалер што постигнува 400 гола настапувајќи во целата кариера само во една од петте најсилни европски лиги, објави УЕФА.
Поуспешен од него, кога станува збор за вкупниот број првенствени голови, 409 на 507 натпревари, но во три лиги, во шпанската, англиската и во италијанската, е Португалецот Кристијано Роналдо. Но Меси до бројката од 400 гола стигна одигрувајќи 63 меча помалку од Роналдо. Аргентинецот постигна голови на 37 различни екипи во Ла лига, најмногу на Севилја, 25 на 24 натпревари. Втор според головите во Ла лига е Роналдо, 311 гола на 292 меча, а трет е легендарниот Телмо Зара, со 251.

Годинава Меси продолжува во стилот од лани, кога беше најефикасен во Европа, со 51 гол на 54 меча, за Барса и за Аргентина. Два гола помалку на 53 меча постигна Роналдо, за Реал, Јуве и за Португалија итн.

Во германската Бундес-лига, водечки според постигнатите првенствени голови е легендарниот Герд Милер, центарфорот на Баерн, со 365 гола на 427 меча во периодот од 1965 до 1979 година. Во Англија најмногу голови има Џими Гривс, 357 за Челси, Тотенхем и за Вест Хем, во периодот од 1957 до 1971 година. Во Италија, најефикасен е Силвио Пиола со 274 гола, играјќи за Про Верчели, Лацио, Торино и Јувентус, од 1929 до 1954 година. Во Франција најмногу првенствени голови, 299, постигнал Аргентинецот Делио Онис, настапувајќи за Ремс, Монако, Турс и Тулон од 1971 до 1986 година.

Повеќе голови од Меси во една иста лига имаат постигнато само тројца фудбалери. Тоа се Јозеф Бичан од Чехословачка, 500, во периодот од 1931 до 1955 година, Шкотланѓанецот Џими Мекгрори, 410, од 1922 до 1938-та и Стјепан Бобек од СФР Југославија, 403 гола, од 1948 до 1958 година.

Рекордер според вкупниот број постигнати првенствени голови, но во повеќе од една лига е Бичан, 518, играјќи во Чехословачка (500 гола) и во Австрија (18). Славниот Ференц Пушкаш постигна 517 гола, во Унгарија 358 и во Шпанија 159, од 1943 до 1966 година итн.