ФУДБАЛ

Лионел Меси (33) постигна два гола во победата на Барселона над Хуеска, со 4-1, и со настапот на тој меч го израмни рекордот на Чави според бројот на одиграни натпревари, 767, во сите фудбалски натпреварувања за тој клуб. Со двата гола против Хуеска, 21 по 27 првенствени кола, Меси 13-та сезона по ред постигнува 20 и повеќе голови во Ла лига и е единствен во историјата на ова натпреварување со таков ефект. Меси има вкупно 661 гол за Барселона, дури 428 повеќе од Цезар Родригез, кој е на втората позиција. Меси освои и најмногу трофеи во дресот на Барса, 34, меѓу кои 10 титули во Ла лига и четири во Лигата на шампионите. Тој дебитира за Барселона во дербито против Еспањол, во победата на гости со 1-0, на 16 октомври 2004 година.