Понекогаш ќе помислите дека го контролирате. Но во секунда тој ја менува играта, постигнува гол и Барселона победува. Понекогаш и не го гледате, мислите дека не е опасен. И тогаш тој постигнува гол, вели Облак за „Скај спорт“, откако Аргентинецот со 644 гола за Барселона го надмина рекордот на легендарниот Пеле за голови во еден клуб

ФУДБАЛ – ЈАН ОБЛАК ЗА ЛИОНЕЛ МЕСИ

Лионел Меси постигна еден гол на мечот Барселона – Валјадолид (3-0), 644-ти за него во дресот на каталонскиот клуб, со што го надмина рекордот на легендарниот Пеле за голови во еден клуб. Пеле во 19 сезони за Сантос постигна 643 гола. За головите на Меси многу е пишувано, но најмалку од перспективата на голманот, човекот што како последен треба да го запре. За тоа за „Скај спорт“ говори голманот на Атлетико, еден од најдобрите на светот, Словенецот Јан Облак.
– Секогаш е тешко да се зборува за тоа бидејќи голманите не сакаат да примаат голови. Меси ги гледа моите нозе. Ако направам еден чекор, тој ќе го види тоа и ќе шутира на другата страна. Тоа е причината зошто е најдобриот. Тој не го покажува тоа, но секогаш гледа. Неговите очи се свртени кон топката, но тој гледа сѐ – вели Облак за „Скај спорт“.
Облак сугерира дека нивните меѓусебни дуели се тактички и технички, физички и ментални. Умот и телото треба да се концентрирани во секое време. Ова го илустрира фактот дека Меси во три наврати му има дадено гол во финишот од мечот.
– Чудно е. Понекогаш ќе помислите дека го контролирате неговиот тим, оти го контролирате него. Но во секунда тој ја менува играта, постигнува гол и Барселона победува. Понекогаш и не го гледате, мислите дека не е опасен. И тогаш тој постигнува гол – вели Облак.

Тактиката на Диего Симеоне против Меси е максималната концентрација од сите негови играчи.
– Ние голманите цело време викаме за да им помогнеме на дефанзивците, но знам дека е тешко кога Меси е на другата страна. Дефанзивците даваат сѐ од себе, но тешко е да се направи нешто тактички за да се запре Меси, бидејќи никогаш не се знае што ќе направи. Сѐ што можете да направите е никогаш да не го оставате сам. Треба да се обидете да му ја одземете топката, но без прекршок близу голот, бидејќи тој е одличен од слободните удари. Тој е одличен во сѐ. Ако сте премногу блиску, тој ќе помине покрај вас. Ако сте премногу далеку, тој ќе шутира. Не е лесно да се одлучите како ќе се браните од него поради неговата непредвидливост. Невозможно е – вели Облак.
За тоа каде шутира Меси, Облак повторно се навраќа на непредвидливоста, со добра причина. Статистиката укажува на тоа дека Меси ја погодува мрежата од голот еднакво на двете страни. Неговиот заштитен знак е голманската десна страна, но секој обид да се превенира таквиот удар се казнува со тоа што топката завршува во спротивниот агол, пишува „Скај спорт“.

– Тоа е проблемот со Меси за голманите. Има некои играчи чии потези и удари можеш полесно или потешко да ги предвидиш. Потоа е Меси за кого е невозможно да предвидиш што ќе направи. Никогаш не можете да предвидите каде и кога ќе шутира – објаснува Облак.
Кога одбраната е пробиена, еден на еден против Лионел Меси е најлошото сценарио за голманот. Облак неодамна се најде во таква ситуација во првото полувреме од мечот во Барселона кога успеа да му го одбрани ударот. Тој има своја стратегија.
– Ако тргнете долу, тој ќе ја „поткопа“ топката. Ако останете исправени, тој ќе бие низ нозете. Ако одите десно, ќе шутира лево и обратно. Но во ситуации еден на еден, најважно е да почекате до последната секунда. Не забрзувајте ги работите. Треба да ја гледате топката и да чекате. Чекај и надевај се дека Меси ќе погреши. Но тогаш треба многу среќа – вели Облак. 


Голманите мора да бидат подготвени и за раниот удар

Дополнителен проблем за голманите е моментот кога Лионел Меси ќе шутира. Голманите мора да бидат подготвени за раниот удар што може да ги фати неподготвени, но, исто така, мора да проценат дали ќе го одложи ударот или ќе му ја додаде топката на некој соиграч, пишува „Скај спорт“.
– Многупати ова е проблем кога играте против него. Можно е двајца или тројца дефанзивци да се обидат да му ја одземат топката, по што тој ќе асистира и друг ќе постигне гол. Вие не го чекате само ударот, го чекате и додавањето. Чекате секакви работи. Дали ќе шутира? Дали ќе помине? Дали ќе дрибла? – вели Јан Облак за „Скај спорт“.