Пеле постигна 643 гола за Сантос, а Меси 618 во дресот на Барселона. Аргентинецот одигра 705 меча за Барса, 72 помалку од рекордните 767 на поранешниот соиграч Чави

По исклучително успешната 2019 година, Лионел Меси, напаѓачот на Барселона и на Аргентина, е на добар пат да постави уште неколку рекорди в година. Меси го брка рекордот за бројот на постигнати голови за еден клуб, кој во моментов го држи славниот Бразилец, Пеле, кој има 643 гола за Сантос. Меси е блиску до него со 618 гола во дресот на Барселона, што значи дека му се потребни уште 25 за да се израмни со Пеле. Меси е пред поставување и нов рекорд според бројот на одиграни натпревари за Барселона. Тој ја игра 16-та сезона за каталонскиот клуб и досега одигра 705 меча. Рекордер со 767 натпревари е поранешниот соиграч и шпански интернационалец Чави. Меси ќе треба да одигра уште 62 меча, но ако се знае дека има договор најмалку до 2021 година, нема да потрае додека не ја достигне и таа бројка.

Друг Шпанец, голманот на Реал и на Порто, Икер Касилјас може да се пофали со најмногу одиграни натпревари под ингеренција на УЕФА (188), што е повеќе за 44 од Меси. Тоа е уште еден рекорд што Меси нема да го достигне во 2020 година, но ако продолжи со исто темпо и следните сезони, тоа не е недостижно. Во Лигата на шампиони (ЛШ), тој е блиску до израмнување на рекордот на Рајан Гигс од Манчестер јунајтед, кој постигнувал голови во 16 последователни сезони. Меси во моментов постигнува голови 15 сезони по ред.

На личен план, Меси би можел да ги освои седмата „златна топка“ и седмата „златна копачка“. Колумбиецот Радамел Фалкао постигна 18 гола за Порто во Лига Европа (ЛЕ) во сезоната 2010/2011. Меси најмногу голови, 14, постигна во ЛШ во сезоната 2011/2012.

И, конечно, можеби најласкаво од сите, за Меси е да стане играчот со најмногу титули во историјата на фудбалот. Неговиот поранешниот тимски колега, Бразилецот Дани Алвес во моментов е на врвот на таа листа со 40 титули, пред уште еден поранешен бек на Барселона, Максвел, со 37. Гигс може да се пофали со 36, поранешниот голман на Порто, Витор Баја има 35 титули… Меси има 34, што значи дека не ќе може да го достигне Алвес в година, но најверојатно ќе престигне некои од горенаведените.