Меси се согласил да остане во каталонскиот клуб до 39-та година, кога би му истекол новиот договор, по 26 години во Барселона. Со продолжувањето на договорот, тој би можел да ѝ се придружи на групата познати фудбалери што целата кариера ја поминале во еден клуб, како Гигс, Малдини, Тоти, Пујол, Бергоми, Барези, Невил, Сколс…

ФУДБАЛ

Аргентинецот Лионел Меси (34) се согласил да го продолжи договорот со фудбалскиот клуб Барселона уште за пет години, за плата помала за 50 отсто, пишува „Би-би-си“. Меси, кој официјално беше слободен играч од 1 јули, се согласил да остане во каталонскиот клуб до 39-та година, кога би му истекол новиот договор, по 26 години во Барселона.
Меси ѝ се приклучи на академијата на Барселона во 2000 година. Тој одигра 778 натпревари и е најефикасен во историјата на Барселона, со 672 гола. Освои вкупно 34 трофеи, меѓу кои 10 титули во Ла лига, четири во Лигата на шампионите (ЛШ), седум „кралски“ купа и рекордни шест „златни топки“ за најдобар фудбалер на годината.
Со продолжувањето на договорот со Барселона, Меси би можел да ѝ се придружи на групата познати фудбалери што целата кариера ја поминале во еден клуб. На врвот на таа листа, барем според освоените титули, е Велшанецот Рајан Гигс, кој 24 години играше во Манчестер јунајтед, освојувајќи 34 трофеи, од кои, меѓу другите, 13 во Премиер-лигата, четири во ФА-купот и два во Лигата на шампионите.
Паоло Малдини, легендата на италијанскиот фудбал, кариерата долга 25 години ја почна и ја заврши во Милан. Во „црвено-црниот“ дрес тој одигра 902 меча и освои многу трофеи (пет во ЛШ, седум во Серија А…). Во негова чест Милан го „пензионира“ дресот со бројот три. Франческо Тоти, како и Малдини, четврт век играше за Рома, освојувајќи една титула во Серија А и две во Купот на Италија. Карлес Пујол беше капитен на Барселона една деценија и освои шест титули во Ла лига, три во ЛШ и два во „кралскиот“ куп, во еден од најуспешните периоди во историјата на Барселона.
Има уште многу фудбалери што целата кариера му биле верни на еден клуб, меѓу попознатите се Садро Мацола, Џузепе Бергоми (Интер), Франко Барези (Милан), Гери Невил, Пол Сколс (Манчестер јунајтед), Џејми Карагер (Ливерпул), Тони Адамс (Арсенал), Сеп Маер, Клаус Аугенталер (Баерн), Берти Фогтс (Борусија Менхенгладбах) и други.