Во полуфиналето, Тигрес го совлада фаворитот, првакот на Јужна Америка, бразилскиот Палмеирас, со 1-0, и во мечот за титулата в четврток ќе игра со победникот од дуелот Баерн – Ал Ахли

ФУДБАЛ – КЛУПСКО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО

Тигрес е првата мексиканска и екипа од Северна Америка што ќе игра во финалето на клупското фудбалско Светско првенство (СП), откако во полуфиналето на завршниот турнир, кој се одржува во Катар, го совлада фаворитот, првакот на Јужна Америка, бразилскиот Палмеирас, со 1-0. Досега во финалињата на клупското СП, откако тоа се игра во организација на Светската фудбалска федерација (ФИФА), од 2005 година, настапуваа екипи од Европа, Јужна Америка, Африка и од Азија.
Јунак на мечот беше францускиот интернационалец Андре-Пјер Жињак (35), кој го постигна единствениот гол во 54-та минута од пенал. Тој беше стрелец и на двата гола за Тигрес и на првиот меч против јужнокорејскиот Улсан (2-1). Со трите гола, Жињак се израмни со своите сонародници Николас Анелка и Карим Бензема, кои, исто така, имаат по три гола на клупското СП.
– Дојдовме во Катар да испишеме историја и горди сме што сме во финалето. Не го славам второто место, го славам нашиот пласман во финалето – изјави по мечот Жињак, кој за репрезентацијата на Франција одигра 36 меча.
Жињак во 2015 година од Марсеј замина во мексиканскиот Тигрес. Во минатите пет години тој со Тигрес освои четири титули првак на Мексико, а лани по трите неуспешни обиди во финалињата, во четвртиот обид, стана првак на Северна Америка, во меѓувреме постигнувајќи и 147 гола, најмногу во клупската историја. Тигрес во финалето в четврток ќе игра со подобриот од вториот полуфинален меч, Баерн – Ал Ахли (играа синоќа). Во мечот за петтото место, Ал-Духаил го победи Улсан, со 3-1.