Мбапе со бројот 7, како Роналдо, Гаринча, Кантона, Далглиш

Мбапе е една од најголемите фудбалски ѕвезди во моментов и, како своевидна потврда на тој статус, реши во новата сезона да го носи дресот со бројот 7

Младата фудбалска сензација Килијан Мбапе (19) блесна на Светското првенство (СП) во Русија. Стана светски првак со Франција, го доби признанието за најдобар млад фудбалер и потсети на славниот Пеле од СП 1958 година во Шведска, кога како тинејџер со „кариоките“ ја освои првата од трите титули светски првак.

Мбапе не беше непознаница пред ова СП. За него европската фудбалска јавност слушна во сезоната 2016/2017, кога блесна во Монако и стигна до полуфиналето на Лигата на шампоните (ЛШ). Тоа беше сигнал за богатите газди на ПСЖ, кои лани потпишаа преддоговор со него, вреден 180 милиони евра, што летово го претворија во постојан договор.

Мбапе е една од најголемите фудбалски ѕвезди во моментов. Оттаму, како своевидна потврда на тој статус, следува и промената на бројот на дресот за новата сезона, 7, наместо досегашниот, со бројот 29. Но да не биде само проста промена на бројот на дресот, Мбапе и неговите советници решија да го имитираат Кристијано Роналдо, не само фудбалски. Затоа тие во промотивната кампања настапија со логото КМ7, кое има многу сличности со КР7 на Роналдо. Мбапе се спомнуваше во некои комбинации како замена за Роналдо во Реал, но тој реши да остане во Париз во скоро време.

– Подолго време мислев дека бројката на дресот не е важна, дека е битно она што ќе го покажете на теренот. Но сега мислам дека бројката ги покажува и амбициите, играчот каков што сакате да станете. Седумката е легендарна бројка, многумина славни фудбалери ја носеле, верувам дека ќе бидам достоен на тој број – гласеше изјавата на Мбапе на клупскиот интернет-сајт.

Токму Роналдо, по чии фудбалски и деловни стапки тргнува Мбапе, го сметаат најдобриот фудбалер што настапувал со бројот 7 на дресот, во Манчестер јунајтед и во Реал Мадрид. Нема трофеј што тој го нема освоено, од титули национален шампион, во ЛШ, домашни купови и слично (освен титулата светски првак со Португалија).
Друг фудбалер што го носел дресот со бројот 7 и што заслужува иста почит како Роналдо, секако, е бразилската легенда Гаринча. Тој бил десно крило во времето кога по традиција играчот на таа позиција ја носел седумката. Гаринча бил ненадминат дриблер, олицетворение на технички брилијантен играч, еден од најзаслужните за освојувањето на втората титула светски првак за Бразил во 1962 година во Чиле, за што го добил и признанието за најдобар играч.

Двајца играчи на Реал, Шпанецот Раул Гонзалес и Португалецот Луис Фиго, настапуваа со бројката 7 на дресовите. Раул се смета за еден од најдобрите стрелци во историјата на „кралевите“, но и во Шпанија воопшто. Тој за 16 сезони во Реал дал 323 гола и освоил речиси сѐ што може да се освои.

Луис Фиго, како и Роналдо, е португалска икона, со голем број трофеи и титули. Тој настапуваше за Барселона, Реал и за Интер и е вториот најдобар асистент (106) во шпанската Ла лига, зад Лионел Меси.

Во елитната група фудбалери што во кариерата го носеле бројот 7 на грбот спаѓаат и Украинецот Андриј Шевченко (Милан), Робер Пирес (Арсенал), Французинот Франк Рибери и Баштојан Швајншатјагер (Баерн) итн.


Ливерпул и Манчестер Ј. со најмногу славни седумки

Во Англија, во двата најтрофејни клуба, Ливерпул и Манчестер јунајтед, како по традиција најдобрите фудбалери, клупските легенди настапувале со бројот 7 на дресот.
Кај „црвените“, пред сите, тоа е „кралот Кени“, како што го нарекуваат навивачите Кени Далглиш, кој освои многу трофеи во 70тите и 80-тите години од минатиот век. Пред него во Ливерпул со тој дрес настапуваше уште еден славен играч, Кевин Киген. По нив огромен белег носејќи ја седумката остави Уругваецот Луис Суарез.
Во Манчестер јунајтед, „седумката“ ја прослави Џорџ Бест, освојувачот на првата титула првак на Европа со „бебињата“ во 1968-та. По него честа да играат со седумката ја имаше долгогодишниот капитен Брајан Робсон во 1980-тите, потоа Французинот Ерик Кантона во 90-тите години од 20 век, кој стана клупска легенда поради играта и однесувањето. Секако, во тоа друштво спаѓа и Дејвид Бекам, специјалистот за слободни удари, но и за медиумско-спонзорска самопромоција.