Во главата секогаш си велам дека сум најдобар затоа што тогаш не си поставувам граници и се обидувам да го дадам најдоброто од себе. Никогаш не сум рекол дека ќе бидам најголемиот играч во историјата, но никогаш не си ставив ограничувања. Ако стигнам до одредено ниво, нема да се спречам со поставување бариера, како „ако стигнам таму, тогаш тоа е мојот максимум“. Не, се обидувам да ги поместам границите и да видам каде ме носи тоа. Засега, добро функционира за мене и ќе продолжам да го правам тоа, вели Мбапе

ФУДБАЛ

Пред пет години на возраст од 17 години и 282 дена, Килијан Мбапе дебитира во Лигата на шампионите (ЛШ) за Монако, влегувајќи во игра во 77. минута во ремито против Баер, 1-1, објави Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница. На 11 дена пред 16-от роденден, Мбапе го одигра првиот натпревар во младинската лига на УЕФА, влегувајќи во последните 30 минути на мечот со Зенит, 1-3. Една година и еден ден подоцна, тој дебитира во сениорско клупско натпреварување, во групната фаза на Лига Европа на средбата со Тотенхем, 1-4.
– Секогаш кога ќе излезам на теренот, си велам дека сум најдобар, иако таму се Лионел Меси или Кристијано Роналдо, а тие се подобри играчи од мене. Тие направија милијарда работи повеќе од мене, но во главата секогаш си велам дека сум најдобар затоа што тогаш не си поставувам граници и се обидувам да го дадам најдоброто од себе. Никогаш не сум рекол дека ќе бидам најголемиот играч во историјата, но никогаш не си ставив ограничувања. Ако стигнам до одредено ниво, нема да се спречам со поставување бариера, како „ако стигнам таму, тогаш тоа е, тоа е мојот максимум“. Не, се обидувам да ги поместам границите и да видам каде ме носи тоа. Засега, добро функционира за мене и ќе продолжам да го правам тоа до крајот на кариерата – вели Мбапе, пренесе УЕФА.

Европската фудбалска унија првпат пишуваше за него во февруари 2016 година, кога беше „чудо на неделата“ и за кого неговиот татко Вилфрид тогаш рече: „Тој е повеќе од страстен за фудбалот, тој е луд по него. Јас работам во фудбалот, но тој е во него 24/7. Гледа сѐ, може да гледа четири или пет натпревари по ред“. Мбапе не постигна гол на првите три натпревари во ЛШ (што не е изненадување бидејќи одигра само 25 минути). Тој постигна два хет-трика во ЛШ и двата на гостински терен, во победата над Бриж (5-0) во октомври 2019 година и против Барселона (4-1), во осминафиналето во сезоната 2020/2021. Мбапе постигна гол од пенал во реваншот, со што го надмина Меси како најмлад што постигнал 25 гола во ЛШ, на возраст од 22 години и 80 дена. Покрај триумфот на Светското првенство (СП) во 2018 година со Франција, Мбапе освои четири титули во Лига 1 (една со Монако, три со ПСЖ) и три Купа на Франција (сите со ПСЖ).