Мбапе е првиот тинејџер по Пеле во 1958 што постигнува два гола на еден меч на СП, а Аргентина и Португалија се елиминирани од СП, од Франција и од Уругвај

Првите осминафинални натпревари на Светското првенство (СП) во Русија, Франција – Аргентина (4-3) и Уругвај – Португалија (2-1), значеа елиминација на двократниот светски првак Аргентина и на актуелниот европски првак Португалија, предводени од двајцата најдобри фудбалери на денешницата, Лионел Меси, односно Кристијано Роналдо. Меси, па Роналдо, фудбалерите што ги одбележаа минатите 10 година на зелениот терен, во ист ден, поточно во временски интервал од неколку часа, го завршија своето учество на Мундијалот во Русија, а четврто во нивните кариери.
На тие два натпревара беа постигнати вкупно 10 гола што е рекордна бројка во оваа рунда, по СП 1970 година, но ниту Меси, ниту Роналдо не успеаја да постигнат гол. И како што стојат работите, иако е наблагодарно што било да се прогнозира, имајќи ги предвид нивните години (Меси 31, Роналдо 33), ова веројатно е последно СП за нив и уште една пропуштена можност за освојување на светската титула.
И додека полека изминува времето на Меси и на Роналдо, на мечот против Аргентина во Казањ, во францускиот состав блесна младиот, 19-годишен Килијан Мбапе (роден е на 20 декември 1998), стрелецот на два гола и над кого беше направен пенал што во гол во претвори Антоан Гризман.
Мбапе технички сѐ уште е на заем во ПСЖ од Монако, но за очекување е наскоро тоа да се реши со зделката вредна 180 милиони евра, со што тој ќе биде вториот најскап светски фудбалер, по Нејмар за кого лани ПСЖ на Барселона ѝ плати над 200 милиони евра.

– Просто е неверојатно за 19-годишно момче да одигра толку добро на важен натпревар на СП, во ситуација кога милиони го гледаат натпреварот, а за противник го имате Меси од другата страна. Тој е многу брз, поседува одлична техника, мек допир, има сѐ што е потребно за напаѓач – беше воодушевен Алан Ширер, еден од најдобрите напаѓачи на Англија на сите времиња.
Мбапе, кој е роден во едно предградие на Париз (Бонди), блесна во дресот на Монако во сезоната 2016/2017, даде 26 гола на 44 меча, стана првак на Франција и стигна до полуфиналето во Лигата на шампионите (ЛШ). По Пеле на СП 1958 година во финалето Бразил – Шведска (5-2), Мбапе е првиот тинејџер што постигнува два гола на еден меч на СП.
– Пресреќен сум поради победата и поради споредбите со еден фудбалер од калибарот на Пеле, но мислам дека тоа е друга категорија. Но убаво е да се биде на листата покрај него – изјави Мбапе по мечот.
Меси стори сѐ што е до него за Аргентина на СП во Русија, но беше во целосно неорганизиран тим што не можеше да му даде поддршка каква што има во Барселона. Најдобра илустрација за играта на Меси на мечот против Франција беа само четирите допири со топката во 16-те метри и само еден удар на голот.
– Тажно е да се гледа како Меси, веројатно најдобриот фудбалер на сите времиња, прерано си заминува дома. Тој знаеше дека со овој состав не може многу да се направи, знаеше дека сам исто така не може многу да направи. Во аргентинскиот состав на ова СП имаше само срце и комплетна дезорганизација – напиша во својата колумна шпанскиот фудбалски експерт, Хулем Балаге.
Зад името на Меси ќе остане запишано дека настапил на четири СП (2006, 2010, 2014 и 2018), постигнал шест гола (ниту еден во нокаут-фазата), двапати со „гаучосите“ стигнaл до чeтврт-финалето, годинава во осминафиналето и пред четири години до финалето (пораз од Германија, 0-1), по што ја доби „златната топка“ за најдобар играч на турнирот.
Роналдо, исто како и Меси, настапи на четвртиот Мундијал, постигна вкупно седум гола, но и тој не успеа да даде гол во нокаут-фазата. Во групната фаза блескаше, им даде три гола на Шпанците, потоа одигра добро и на дуелите против Мароко и Иран, но и тој не можеше ништо да стори за да се избегне поразот од Уругвај. И за него светската титула ќе остане сон иако и тој и неговиот селектор Фернандо Сантос инсистираат дека „има уште многу да му даде на фудбалот“ и оти нема намера да се пензионира во скоро време.