Клаудио Маркизио се раздели со Јувентус по 25 години поминати во клубот, објави „Старата Дама“ на својот официјален сајт. Италијанскиот гигант и Маркизио заеднички се согласиле договорот на играчот да биде раскинат.

Триесет и двегодишниот Маркизио е дете на Јувентус и е дел од фудбалската академија на клубот од 1993 година. Во првиот тим од Торино е од 2005 година. Тој има и сезона во Емполи (2007/2008).

Маркизио има одиграно 389 натпревари и постигнато 37 голови за Јувентус. За репрезентацијата на Италија има 55 натпревари и пет голови.

Јувентус му се заблагодари на Маркизио за неговата верност и пожртвуваност. Играчот од средниот ред, исто така, остана во клубот откако испадна во Серија „Б“ во 2006 година.

– Ти благодараме за сè, Клаудио! Ти посакуваме сė најдобро – напиша Јувентус на својата официјална веб-страница.

Маркизио има седум последователни италијански шампионати со Јувентус во периодот меѓу 2011 и 2018 година. Тој, исто така, ја освои Серија „Б“ во сезоната 2006-2007. Маркизио има три италијански Супер Купа и четири италијански Купови со дресот на тимот од Торино. Тој е, исто така, освојувач на сребрениот медал од Евро 2012 со „азурите“.