Кога го имавме првиот официјален натпревар против Крусадерс, не очекував дека ќе играм една година подоцна во истата сезона, рече капитенот на англискиот премиерлигаш Вулверхемптон, Конор Коади, пренесе „Би-би-си“.
Откако ја почнаа сезоната 2019/2020 на 25 јули 2019 година, во четвртокот вечерта, во второто квалификациско коло за пласман во Лига Европа, маратонската сезона на Волците трае една година. Натпреварот број 57 ги однесе кај Челси вчера, за последниот натпревар во она што беше уште една многу импресивна сезона во англиската Премиер-лига.
По последниот свиреж на стадионот „Стемфорд бриџ“ сезонава, мислите на шефот на Волците, Нуно Еспирито Санто, се префрлаат во Лига Европа и одложената реванш-средба во осминафиналето, дома, со Олимпијакос, на 6 август. Претходната најдолга кампања за тимот од Премиер -лигата во однос на деновите беше сезоната на Бредфорд Сити во сезоната 2000/2001, која траеше 321 ден, поради нивното играње во сега веќе непостојниот куп Интертото.

Ако Волците стигнат до финалето во Лига Европа во Келн на 21 август, сезоната суспендирана три месеци поради пандемијата на коронавирусот за нив ќе трае речиси 400 дена и ќе одиграат 61 натпревар.
– Тоа беше психолошки и физички исцрпувачки за играчите. Чекав тоа да се покаже на теренот. Но не се случи тоа – вели клупската легенда Стив Бул за „Би-би-си“.
Откако завршија на седмото место во нивната прва сезона во Премиер-лигата од 2012 година, подготовките за кампањата 2019/2020 почнаа на 27 јуни 2019 година, пред претсезонскиот турнир во Шангај. Патувањето од над 9.000 км до Кина беше совршена подготовка за долгите патувања што чекаа во Лига Европа (Ерменија, Словачка, Турција, Грција, Северна Ирска, Португалија, Шпанија и Италија), со кои Волците поминаа над 46.000 км во патувања за домашни и за европски мечеви, пишува „Би-би-си“.