Славниот фудбалски стадион „Маракана“ во Рио де Жанеиро ќе го смени името и ќе се нарекува „Едсон Арантес до Насименто – кралот Пеле“, во чест на легендарниот бразилски фудбалер, трикратниот светски првак од 1958, 1962 и 1970 година.
Оваа одлука беше донесена во законодавниот дом на државата Рио де Жанеиро и треба да ја одобри гувернерот на Рио, за да стане и официјална. На „Маракана“ се играа финалињата на Светското првенство (СП) 1950 и 2014 година, а таму се одржа и церемонијата на отворањето на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2016 година.
Во финалето во 1950 година на „Маракана“ имаше над 200.000 гледачи (сегашниот капацитет е 78.838 места), кои гледаа како Уругвај го победува Бразил со 2-1. Стадионот го доби името „Марио Филјо“, по новинарот што лобираше за неговата изградба во 40-тите години на минатиот век, но беше попознат како „Маракана“, по делот од градот во кој се наоѓа.