Легендата на аргентинскиот и на светскиот фудбал, Диего Марадона ги искажа неговите очекувања од натпреварот од осминафиналето на Светското првенство, каде што неговите сонародници ќе играат против Франција.

Од противничкиот табор тој го издвои голман Лорис и напаѓачот Гризман.

-Имам голема почит кон Франција, но би се обложувал на Аргентина. Сметам дека моите сонародници имаат квалитет и сили на крајот да излезат како победници. Ако го затворат Гризман и ако најдат начин да го совладаат Лорис ќе ја постигнат целта. Покажаа дека кога играат со срце, дека можат да се поминат препреките, изјави Марадона.

Натпреварот Франција – Аргентина се игра попладнево од 16 часот и со него стартува елиминациската фаза на Мундијалот во Русија.