Марадона беше погребан на гробиштата „Бела Виста“ на периферијата на Буенос Аирес, каде што се погребани и неговите родители, на мала приватна церемонија. На улиците излегоа илјадници Аргентинци за да се простат од него

Аргентинецот Диего Марадона (60), еден од најдобрите светски фудбалери на сите времиња, беше погребан во Буенос Аирес, со изливи на длабока тага на улиците на главниот аргентински град. Марадона беше погребан на гробиштата „Бела Виста“ на периферијата на Буенос Аирес, каде што се погребани и неговите родители, на мала приватна церемонија на која присуствуваа неговото потесно семејство и најблиските пријатели. Додека минуваше погребната поворка, на улиците излегоа илјадници Аргентинци за да се простат од Марадона, кој имаше култен статус во родната земја. Некои оставаа цвеќиња и пораки пред неговиот дом од детството, објави „Ројтерс“.
– Марадона за мене е најголемото нешто што ми се случи во животот. Го сакам исто како татко ми и се чувствувам како мојот татко да починал. Ако умрам млад, се надевам дека горе ќе може да играм фудбал и да гледам натпревар на Бока со него – рече со солзи во очите Кристијан Монтели (22), навивач на Бока јуниорс.
Во Аргентина беше прогласена тридневна жалост поради смртта на играчот што ги предводеше „гаучосите“ до титулата светски првак во 1986 година во Мексико. Тој беше обожуван и во Италија каде што со Наполи освои две шампионски титули во Серија А, во 1987 и во 1990 година.
Ковчегот со Марадона беше покриен со сино-белото национално знаме и со фудбалскиот дрес на Аргентина со бројот 10. Почнувајќи од раните утрински часови во четвртокот, илјадници обожаватели формираа колона долга околу 1,5 км на улиците на Буенос Аирес во близината на плоштадот, во ноќта на жалост и сеќавање. Навивачите што успеаја да влезат во палатата фрлаа фудбалски дресови, цвеќиња и други предмети кон ковчегот.

– Тој беше некој што го допре небото со рацете, но секогаш со нозете беше цврсто на земјата – рече претседателот Алберто Фернандез, кој му оддаде почит на Марадона во палатата.
Познати светски спортисти и светски лидери му оддадоа почит на Марадона. Марадона беше исклучително талентиран играч, од сиромашно потекло, кој од предградието на Буенос Аирес го достигна врвот во фудбалот. На Светското првенство (СП) во 1986 година, во четвртфиналниот натпревар против Англија, Марадона постигна два гола, кои се меѓу најпознатите во историјата на фудбалот. Едниот беше постигнат со рака, или со т.н. „божја рака“, како што велеше Марадона, а вториот, само четири минути подоцна, исто така, незаборавен, кога ги предрибла речиси сите играчи на Англија пред да ја затресе мрежата.