ФУДБАЛ – ИТАЛИЈА ЌЕ ИГРА ЗА ВТОРАТА ТИТУЛА ВО ЧЕТВРТОТО ФИНАЛЕ НА ЕП

Италија ја совлада Шпанија, на пенали, со 4-2 (по 120 минути игра беше 1-1) во првото полуфинале на Европското првенство (ЕП) 2020 во фудбал, на стадионот „Вембли“ во Лондон, и се пласира во неделното финале против Англија или Данска, кои играа синоќа. Во последната серија пенали, Џанлуиџи Донарума му го одбрани ударот на Алваро Мората, по што Жоржињо биеше прецизно, за победа на Италија и за меч за титулата. Италија и Шпанија десетти пат изведува пенали на големите турнири, повеќе од сите други европски репрезентации, а нивниот дуел е најчест натпревар (играле 10 пати) меѓу европските селекции во историјата на големите турнири.
Италија стигна до 10-то финале на големите првенства, во четвртото на ЕП, две помалку од рекордните шест на Германија. Четирикратните светски прваци имаат еден триумф на ЕП, во 1968 година. Тие ги загубија финалињата во 2000 и во 2012 година, но се надеваат дека овој пат е дојден нивниот ред да победат. Федерико Киеза, кој го постигна голот за Италија во 60-та минута (Алваро Мората израмни во 80-та) беше прогласен за играч на мечот.
– Не можам да ги опишам моите емоции со зборови. Ова, без сомнение, беше најдобрата ноќ во кариерата. Да се игра за мојата земја на натпревари како овие, претставувајќи 60 милиони Италијанци, тоа е неверојатен сон. Сега сме во финалето, ќе се вратиме на 11 јули и ќе видиме што ќе биде – изјави Киеза.
Репрезентацијата на Италија остана непоразена и на 33-от меч во низа, најдолга таква серија во историјата на оваа селекција.
– Ни преостанува уште еден меч и сакаме да го добиеме. Знаевме дека ќе биде многу тежок дуел, бидејќи во однос на поседот на топка, Шпанија е најдобра и оти ќе ни создаде проблеми. Како и секогаш, пеналите се лотарија, но навистина сакам да ѝ симнам капа на Шпанија, тие се одличен тим. Сѐ уште не сме направиле сѐ што треба, ни претстои уште еден чекор, треба да се одмориме, бидејќи ова беше навистина исцрпувачко – изјави италијанскиот селектор, Роберто Манчини.
Шпанија, која претходно ги доби сите пет полуфинални меча на големите турнири, го одигра најдобриот натпревар на турнирот и си замина дома како најефикасна досега, со 13 погодоци (Италијанците имаат 12 гола). Словачка е единствената репрезентација што Шпанците ја победија за 90 минути игра на ова ЕП. Избраниците на Луис Енрике имаа 16 удари на противничкиот гол, наспроти седумте на италијанските фудбалери.

Енрике: Покажавме дека сме добар тим и ќе продолжиме да го правиме тоа

Ова не е тажна ноќ за мене, воопшто. Секако дека има разочарување, но тоа е фудбалот. Треба да бидете подготвени да победите и да загубите. Сега мора да им честитаме на противниците. Реков на почетокот на првенството дека сме една од осумте екипи што можат да ја освојат титулата и не згрешив во тоа. Одиме дома знаејќи дека се натпреварувавме и бевме една од најдобрите селекции на ова ЕП. Покажавме дека сме добар тим и ќе продолжиме да го правиме тоа, изјави селекторот на Шпанија, Луис Енрике.