Манчестер јунајтед и официјално потврди дека отказите што им ги врачи на менаџерот, Португалецот Жозе Мурињо, и на неговите петмина соработници лани во декември ќе го чинат 19,6 милиони фунти (околу 25 милиони долари). Поголемиот дел од тие пари, 15 милиони фунти, ќе добие Мурињо, кој во јануари 2018-та потпиша нов договор, вреден 12 милиони фунти годишно, со важност до јуни 2020-та и со опција за уште една година.

Потврдувајќи ги овие бројки, извршниот директор Ед Вудворд го пофали сегашниот привремен менаџер, Норвежанецот Оле Гунар Солскјер. Вудворд одби да коментира за тоа дали Солскјер ќе биде именуван за постојан менаџер, но беше порасположен да говори за ангажирање спортски директор, функција каква што досега немало во клубот, истакнувајќи дека сериозно се размислува за такво нешто.

Во финансискиот извештај за последниот квартал од 2018-та, Манчестер јунајтед објави рекорден бруто-приход од 208,6 милиони фунти. Платите во клубот за тој квартал, кој заврши на 31 декември, изнесувале 77,9 милиони фунти, што е зголемување за 11,8 насто во споредба со истиот период од 2017 година. Реал Мадрид минатиот месец го симна Манчестер јунајтед од врвот на листата најбогати клубови на „Делоит“, на која се наоѓаше последниве две години.