Манчестер сити важи за фаворит и ќе се обиде да биде првиот тим што по една деценија ја одбранил титулата. Како најголем конкурент на Сити се спомнува Ливерпул, кој летово, но и во јануари, потроши најмногу пари, околу 250 милиони евра

Со вечерашниот прв натпревар Манчестер јунајтед – Лестер (21 часот), на стадионот „Олд трафорд“, официјално почнува новата, 27. сезона во англиската Премиер-лига.

Шампионот Манчестер сити, кој важи за фаворит, ќе се обиде да биде првиот тим што по една деценија ја одбранил титулата. Како најголем конкурент на Сити се спомнува Ливерпул, кој летово, но и во јануари, потроши најмногу пари од сите премиерлигаши, околу 250 милиони евра.

Шанси да се вмешаат во борбата за титулата им се даваат и на Манчестер јунајтед, иако имаше помалку хаотична трансфер-кампања, и на Тотенхем, кој не купи ниту еден нов играч, а го продаде само Тоби Андервиралд, на Јунајтед. Преостанатите два лондонски клуба, Челси и Арсенал, се во период на транзиција, со нови менаџери, Маурицио Сари, односно Унаи Емери. Тие имаат своја филозофија и стил на игра, а доведоа и дузина нови играчи, па, оттаму, процените се дека ќе им треба некое време за адаптација и за уигрување. Нови менаџери сезонава имаат Евертон (Португалецот Марко Силва) и Вест Хем (Чилеанецот Мануел Пелегрини)

Една од побизарните работи со кои се занимаваат британските медиуми е т.н. „синдром на третата сезона“ за Жозе Мурињо, односно заминување од клубовите што ги предводеше во минатото, токму во третата сезона (двапати Челси и Реал). Предвидувањата се дека е многу реално тој да добие отказ откако ја започна кавгата со вториот човек во клубот, Ед Вудворд, околу неактивноста на трансфер-пазарот и некупувањето фудбалери по желба на Мурињо. Самобендисаниот и арогантен Мурињо имаше многу забелешки и на своите фудбалери за време на американската турнеја, што дополнително ја подгрева атмосферата.

Нови премиерлигаши се Вулверхемптон, по шестгодишна апстиненција од елитната лига, Кардиф под водство на Нил Варнок, кој како да се специјализира за промоција на тимовите од Чемпионшип во Премиер-лигата (Шефилд, Квинс Парк Ренџерс и Кристал Палас) и Фулам, кој се враќа во Премиер-лигата по четири години, предводен од новиот менаџер Славипа Јокановиќ. Овие тимови не штедеа пари летово, што сугерира дека не само што не размислуваат за опстанок туку планираат и пласмани во горниот дел од табелата.

Англичаните, познати како традиционалисти, и сезонава на натпреварите во Премиер-лигата нема да користат видеоасистент-судија (ВАР). Делумно таа технологија ќе се користи на натпреварите од ФА-купот и во купот Карабао (Лига).
Кога станува збор за стадионите, на новиот објект на местото на стариот „Вајт Харт Лејн“, во северниот дел од Лондон, ќе се пресели Тотенхем. Изградбата на новиот стадион чинеше околу една милијарда евра и е со капацитет од 62.062 места. Премиерниот меч Тотенхем би требало да го одигра против Ливерпул на 15 септември.


Голманите најбарани летово

Летниот преоден рок во Англија годинава доживеа промени, започна на 17 мај и заврши вчера, на 9 август (18 часот), пред почетокот на новата сезона, по барање на клубовите. За разлика од Англија, во другите европски лиги преодниот рок завршува на 31 август (освен во Италија, на 17 август), што значи дека тие ќе можат да купуваат, но не и да им продаваат играчи на премиерлигашките клубови.
Според правилата на Светската фудбалска асоцијација (ФИФА), во секоја лига преодниот рок треба да трае најмалку 12 недели.

На ден пред крајот на преодниот рок во Англија клубовите потрошија 1,2 милијарди евра, што е помалку од ланските рекордни 1,56 млд. евра. За вчера немаше најави за нови сензационални трансфери, што значи дека тој рекорд нема да биде соборен.
Во текот на вчерашниот ден се очекуваше потврда на трансфер-зделките на Челси. Најпрвин, на рекордниот, на голманот Кепа Аризабалага од Атлетик Билбао (80 млн. евра), потоа на Тибо Куртоа во Реал и на Хрватот Матео Ковачиќ во обратната насока, на заем во Лондон.

Дека голманите беа многу барана „стока“ летово потврда е и рекордниот трансфер на Бразилецот, Алисон Бекер, од Рома во Ливерпул, за 75 млн. евра (на 19 јули). Но не мина многу време и тој рекорд беше надминат.


Нова сезона, нова топка?

По обичај, и во новата сезона ќе се користи нова топка, „најк мерлин“, која за разлика од старата топка, составена од 32 дела, ќе биде од само четири парчиња!
Тоа значи дека топката ќе има помалку рабови, со што ќе се елиминираат тврдите места. Користена е интегрирана технологијата „за сите услови“ (ACC), а боите на топката се мешавина од бела, црна, виолетова, сина и жолта. Тоа треба да им помогне на играчите полесно да се идентификуваат на кој начин таа се врти, кога паѓа и колку брзо „патува“.