Англискиот фудбалски премиерлигаш Манчестер јунајтед вети дека ќе ги плаќа 3.000-те повремени (хонорарни) работници и во преостанатиот дел од сезоната, дури и ако натпреварите бидат играни зад затворени врати или, пак, бидат откажани поради кризата со коронавирусот.
– Манчестер јунајтед ќе ги исплати своите лојални работници ангажирани во деновите кога се играат натпревари, како и другите вработени, доколку натпреварите во Премиер-лигата бидат откажани или се играат зад затворени врати во остатокот од сезоната. Овој гест на добра волја ја рефлектира желбата на клубот да ја намали финансиската неизвесност со која се соочуваат тие луѓе и е знак на признавање на нивната улога што ја имаат во давањето услуги на навивачите – се вели во клупското соопштение.

Стадионот „Олд трафорд“ треба да биде домаќин на четири натпревари во Премиер-лигата сезонава. Манчестер јунајтед би можел да одигра уште три домашни натпревари во Лига Европа (ЛЕ).
– Разбираме дека станува збор за непредвидливи околности и сакаме да им дадеме сигурност без оглед што ќе се случува сезонава. Со нетрпение очекуваме што е можно поскоро да ги поздравиме сите наши навивачи и соработници на „Олд трафорд“ – изјави потпретседателот на Јунајтед, Ед Вудворд.
Минатата недела Јунајтед објави дека на секој навивач што купил билет за мечот со ЛАСК во Австрија, во ЛЕ, кој се играше зад затворени врати, ќе му исплати по 350 фунти како надомест за патувањето и за сместувањето.