Англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед го отпушти тренерот Жозе Мурињо по лошиот почеток на сезоната, објавено е денеска на клупската интернет страница.

– Жозе Мурињо го напушти клубот – се вели во краткото соопштение, при тоа заблагодарувајќи му се за дотогашната работа.

Новиот привремен тренер ќе биде именуван до крајот на оваа сезона, додека клубот ќе продолжи да бара трајно решение.

Јунајтед е на шесто место на табелата со 26 бодови за само 17 натпревари. Во последниот првенствен натпревар во неделата Манчестер Јунајтед загуби од Ливерпул со 1-3.

Порано британските медиуми пишуваа дека Португалецот на клупата на Јунајтед е заштитен со отштетна клаузула од 26 милиони евра.

Мурињо на клупата на „Црвените ѓаволи“ помина две и пол години и со клубот за тоа време ја освои Европа лигата, додека во Англија Лига купот и Комјунити шилд.