Манчестер сити првпат ќе игра во натпреварот за европската титула, а за Челси ова е трето финале во ЛШ

ФУДБАЛ – ВЕЧЕРВА МЕЧ ЗА ТИТУЛАТА ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Во третото финале на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), во кое ќе се сретнат два тима од Англија, вечерва (од 21 часот) во Порто, за европската клупска титула меѓу себе ќе играат Манчестер сити и Челси. Ова ќе биде и осмото финале во кое ќе играат клубови од иста земја (претходно трипати од Шпанија, двапати од Англија и по еднаш од Италија и од Германија).
– Како дете, сонувате за овие натпревари и тоа е како да ја гледате месечината – толку е далеку. Не се двоумам да кажам дека Манчестер сити и Баерн беа репер во Европа сезонава и минатата сезона. Ние се обидуваме да ја намалиме разликата и доброто е што во фудбалот можете да ја дополните разликата за 90 минути – вели Томас Тухел, менаџер на Челси, пренесе интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА)
За Манчестер сити и за Челси ова е прва меѓусебна средба во европските купови во минатите 50 години. Англискиот првак Манчестер сити, кој првпат ќе игра во меч за европската титула, е деветтиот англиски клуб што се пласирал во финалето (на второто место се Италија и Германија со по шест), 42. вкупно во Европа и може да стане 23-от победник. За Челси ова е трето финале во ЛШ, прво загуби во 2008 година од Манчестер јунајтед, а потоа во 2012 година ја освои титулата по победата над Баерн (во двата случаја на пенали).

– Се боревме заедно и во финалето сме на Лигата на шампионите, а тоа се убави зборови. Луѓето веруваат дека е лесно да се дојде до финалето на ЛШ. Пласманот во финалето сега има смисла за тоа што имаме направено во изминатите четири или пет години. Секој ден овие момци беа конзистентни и ова е извонредно – рече Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити, пренесе УЕФА.
Поради пандемијата на коронавирусот, минатогодишниот меч за европската клупска титула се играше без публика, во Лисабон, а за денешното е дозволена исполнетост на стадионот во Порто до 30 отсто (околу 16.500 гледачи).
Победникот ќе го освои трофејот на УЕФА висок 73,5 см и тежок 7,5 кг.
– Можеби не е уметничко ремек-дело, но сите во фудбалот сакаат да стават рака на него – рече креаторот Јирг Стаделман, пренесе УЕФА.


ПРЕТХОДНИ ФИНАЛИЊА СО ТИМОВИ ОД ИСТА ЗЕМЈА

ГОД.      ДВОЈКА                                 РЕЗ.
2000      Реал Мадрид – Валенсија       3-0
2003      Милан – Јувентус                   0-0, 3-2 п.
2008      Манчестер ј. – Челси              1-1, 6-5 п.
2013      Баерн – Борусија Дортмунд     2-1
2014      Реал М. – Атлетико Мадрид     4-1
2016      Реал М. – Атлетико М.             1-1, 5-3 п.
2019      Ливерпул – Тотенхем               2-0