Меѓу новитетите за сезоната, која почнува в петок, се воведувањето на ВАР, зимската пауза во февруари, не (пре)многу потрошени пари за трансфери (досега), како и неколкуте менаџерски смени

Актуелниот европски фудбалски првак Ливерпул со премиерниот меч против Норич, в петок, на стадионот „Енфлилд“, ќе ја отвори новата сезона во Премиер-лигата. Лани Манчестер сити стана првата екипа што ја задржа титулата по една деценија, додека Ливерпул, кој заостана само еден бод постави рекорд според бројот на освоени поени за второпласиран тим, 97. Стандардите што двата тима ги поставија беа извонредни и тешко повторливи. Меѓусебно, испуштија само 33 од можните 228 поени.

Некои предвидувања се дека овие два тима и во новата сезона ќе доминираат, оти Сити повторно ќе ја освои титулата и ќе му се придружи на Манчестер јунајтед, кој е единствениот со по три титули во низа (двапати) во ерата на Премиер-лигата, од 1992 година. Менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола, освои осум од можните 10 шампионски титули во тренерската кариера, по три (во низа) со Барселона и со Баерн и две со Сити.
Тотенхем, Челси, Манчестер јунајтед и Арсенал би требало да бидат веднаш зад нив и да се тркаат за местата што водат во Лигата на шампионите (ЛШ). Како тимови што би можеле да им ги расипат сметките и да се вмешаат во трката за првите шест места се Евертон, кој бил шесто или седмопласиран девет пати во последните 15 сезони и кој летово за трансфери потроши над 100 милиони фунти. На таа листа се и Лестер, првакот од 2016-та и Вулверхемптон (лани беше седми). Тоа значи дека мали се шансите за повторување на „чудото“ кога Лестер стана првак, бидејќи е речиси назамисливо Сити, Ливерпул и другите од „големата шесторка“ да имаат толку лоша сезона.

Нови премиерлигаши се Норич, Астон Вила и Шефилд јунајтед на кои им претстои голема борба, пред сѐ, за опстанок и за етаблирање во елитата. Во 27-годишнината историја на Премиер-лига само трипати се случило во првата сезона да не испадне барем еден од новопромовираните три клуба.

Се најавува дека Египќанецот Мохамед Салах, напаѓачот на Ливерпул, трет пат во низа може да биде најдобриот стрелец и да им се придружи на Алан Ширер и на Тиери Анри. Меѓу новитетите сезонава се воведувањето на ВАР, зимската пауза во февруари 2020-та, прва од ваков вид, не (пре)многу потрошени пари за трансфери (досега), како и неколкуте менаџерски смени.