За Сити, кој во финалето на „Вембли“ го декласира Вотфорд, 6-0, ова беше трет трофеј сезонава, по титулата во Премиер-лигата и триумфот во Лига-купот

Феноменалната 2018/2019 сезона Манчестер сити ја заокружи со освојување на третиот трофеј, ФА-купот, со убедливиот триумф на „Вембли“ над Вотфорд со 6-0. Ова е највисоката победа во финале на ФА-купот по 1903 година, кога Бари го совлада Дерби, исто така со 6-0.
– Ова беше неверојатно финале за нас, во една неверојатна година. Големи честитки за сите луѓе во клубот, особено на играчите, бидејќи тие се причината за сите титули што ги освоивме сезонава – рече менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола.
Тој е осмиот менаџер што освојува шампионска титула, ФА и Лига-куп, по Бил Николсон, Дон Риви, Џое Мерсер, Кени Далглиш, Џорџ Греам, Алекс Фергусон и Жозе Мурињо.

Сити претходно го освои Лига-купот, или Карабао-куп, и ја одбрани титулата првак на Англија, нешто што досега не му успеало на ниту еден англиски клуб. Сличен успех има забележано Ливерпул во сезоната 1983/1984, со Кени Далглиш, Греам Сунес, Марк Лоренсон и другите, кои беа европски и англиски прваци и победници во Лига-купот, како и Манчестер јунајтед во 1998/1999, предводен од Алекс Фергусон, првак на Европа, на Англија и освојувач на ФА-купот!

Челси во сезоната 2009/2010 со Карло Анчелоти на менаџерската позиција беше последниот клуб што беше првак на Англија и освојувач на ФА-купот. Сити ги има освоено петте од последните шест трофеи во Англија (лани првенството и Лига-купот)!
Дека зад Сити е фантастична сезона говорат и 50-те победи во сите конкуренции, што е рекорд во најсилната лига.

За Гвардиола ова беше шеста титула со „граѓаните“, две во Премиер-лигата, две во Лига-купот и по една во ФА-купот и во Комјунити шилд. Вкупно тој има освоено 27 трофеи во тренерската кариера, со три клуба, Барселона, Баерн и Манчестер сити.
За Сити велат дека успесите се должат на многуте вложени пари во купувањето играчи, но контра на ова е дека исто толку, можеби и повеќе пари за играчи имаат „фрлено“ ПСЖ, Реал, Манчестер јунајтед, а резултатите ни оддалеку не им се како на Сити. Тоа значи дека парите не се гаранција за успеси и освојување трофеи во фудбалот, иако помагаат. Во Сити се соединети повеќе работи, од одличен менаџер, преку добра селекција на играчи со неверојатна желба за победување, што не функционира баш најдобро во ривалските клубови.

– Манчестер сити е феноменален тим, еден од најдобрите што сум ги гледал. Ако продолжат вака, ќе можат да бидат прваци и куп-победници во следните 5-10 години – изјави Крис Водл, поранешен англиски репрезентативец.